Бескрајни партиски препукувања за Еразмус+

За ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како да нема поважна работа во Македонија отколку докажувањето кој колку наштетил за програмата на ЕУ Еразмус+. Лавината тргна по именувањето на лидерот на Македонски концепт, Петар Богојески за директор на програмата. Тој потоа беше сменет, а сега критиките на опозицијата се поради именувањето на в.д. на Ана Михајлов, за која тврди дека е вмешана во коруптивни шеми. Како одговор ВМРО-ДПМНЕ секој ден се навраќа на настани од пред шест-седум години.
„Колку ниско е спремно да падне ВМРО-ДПМНЕ во обид по секоја цена да ја одбрани в.д. директорката штитејќи ги криминалните шеми во Еразмус+?
Дури и градоначалникот на Квадарци од ВМРО-ДПМНЕ, Митко Јанчев, јавно ја демантираше сопствената партија.
Проектот за којшто зборува ВМРО-ДПМНЕ воопшто не бил за тренирање магариња, туку за практична обука и обука на ученици и наставници во земја членка на ЕУ, за стекнување вештини и поттикнување претприемашки капацитети, меѓу што и производство на сирење.
Во белата палата никако да научат дека не можат да го оттргнат вниманието на јавноста од злоупотребите поврзани со распределба на проекти преку Еразмус+ кои водат директно до ВМРО-ДПМНЕ.
Извештајот на ОЛАФ, доставен до Јавното обвинителство, јасно утврдува основано сомнение за злоупотреба на над 2 милиони евра европски пари, во кои се инволвирани повеќе од 50 физички и правни лица во Македонија и уште пет земји-членки на Европската унија.
Дополнително, отворени се сериозни сомнежи околу тоа како биле распределени над 8 милиони евра во периодот 2014–2017 година, токму во време кога Ана Михајлов и нејзината кумашинка биле евалуаторки во Агенцијата.
Неопходно е да се истражат и наводите за улогата на првиот директор Бошко Нелкоски – ментор на актуелната в.д. директорка“, вели во своето соопштение СДСМ.
Претходно, новата портпаролска фигура на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, ги повтори изстите зборови и обвинувања од претходните денови:
„Еразмус+ како приватна фондација на СДС, доделени 205 илјади евра преку грантови на брат на нивен пратеник.
83 илјади евра за дресура на магариња и 125 илјади евра за правење на сирење, СДС преку Еразмус+ доделија на братот на нивниот пратеник, Диме Велковски.
Над 200 илјади евра по партиска линија, Заев и Димова преку Агенцијата Еразмус+ му доделија на Горан Велковски, брат на тогашниот пратеник Диме Велковски.
Прашањата кои останаа неодговорени се кој го одобрил проектот? Дали лицето одговорно за одобрување на проектите е лице блиско до Зоран Заев и СДС? Дали во Агенцијата се давале проекти исклучиво на блиски лица до СДС или пак нивни членови? Дали беа поминати сите процедури и дали можеби имало и други кандидати кои конкурирале за истиот проект, но не биле одбрани бидејќи не биле членови на СДС?“