Бесими: За нереалните вработувања во јавната администрација ќе има и кривична одговорност
Според министерот, на ваков начин се растоварува администрацијата, голем дел од барањата кои што беа нереални, веќе нема да постојат
Со дополнетиот Предлог-буџет за 2024 година кој од денеска е на пленарна седница во Собранието, пред пратениците се најдоа и повеќе новини од кои најмногу внимание предизвика исклучувањето на Министерството за финансии во постапката за вработувањата во јавната администрација. Според министерот за финансии Фатмир Бесими, тоа ќе овозможи поголема одговорност и транспарентност, но и кривична одговорност за секој кој ќе вработи надвор од обезбедените средства во буџетите. Во експозето пред пратениците Бесими рече дека годинава ќе ја завршиме со помал јавен долг од предвидениот, како и дека реализацијата на капиталните инвестиции е значително над минатогодишните.
„За прв пат имаме имплементација на фискалните правила кои што се однесуваат на буџетскиот дефицит од три отсто и на јавниот долг 60 отсто во однос на БДП“, рече Бесими, појаснувајќи дека во дополнетиот Предлог-буџет за 2024 година составен дел се и амандманите кои штоп беа прифатени за време на комисиската расправа.
Зборувајќи за новините, Бесими посочи дека тие се однесуваат пред сѐ на новиот Закон за буџети, како и на неколку реформи за менаџирање со јавните средства, за зголемување на транспарентноста, планирањето, формирањето на Фискалниот совет, дигитализацијата на Трезорот, итн., но исто така и зголемување на одговорноста и поедноставување на процесот на вработување во јавниот сектор, што според него значи и поголема транспарентност за вработувањата во јавниот сектор и децентрализација на постапката.
„Во изминатите речиси 30 години се покажа дека институциите на нереална основа доставуваа барања, надвор од обезбедените финансиски средства и тоа создаваше дополнителен баласт во администрацијата на годишно ниво од 3 до 4 илјади барања, на 10 илјади дадени согласности и 5 илјади договори на дело, зборувам просечно неколку години наназад“, рече Бесими.
Тој додаде дека на околу 4 илјади барања, една третина се вратени постојано како нереални затоа што раководните лица на институциите постојано доставувале барања, иако, како што вели била ставена законска норма да пополнуваат табели со нивните буџети.
„Во самите табели пополнуваа дека немаат средства, а до Министерството за финансии се доставува барања за вработувања“, рече Бесими.
Тој објасни дека со предложените новини таа одговорност ќе биде кај раководителите на институциите, за кои не само формално, туку во законот е предвидена и кривична одговорност на секој кој ќе вработи надвор од обезбедените средства во буџетите.
„Таа одговорност е исклучиво на самите институции, меѓутоа има два механизми за контрола. Прво, било кој годишен план за вработувања ќе се носи само врз основа на веќе изгласан Буџет во Собрание. Се знае колку средства имаат за таа намена и тоа е рамката. Секоја институција си прави свој план за менаџирање. Откако ова ќе се направи, вториот момент е што секое раководно лице од секоја институција кога ќе достави план за вработување на оглас, ќе мора да даде лична изјава под морална и кривична одговорност дека тоа е согласно планот и обезбедени финансиски средства“, објасни Бесими.
Според него, на ваков начин се растоварува администрацијата, голем дел од барањата кои што беа нереални, веќе нема да постојат затоа што одговорноста се алоцира кај самите институции.
„Ова е дел од една реформа која што е почната во јавните финансии уште пред четири години, Законот за буџети е една работа, Законот за дигитализација е другата работа, во постапка е меѓународен тендер за избор на институција која ќе направи софтвер за Трезорот, а исто така и за државната помош со цел да се интегрираат“, рече Бесими додавајќи дека ова се значајни реформи не за еден состав на влада, туку за сите институции за подобро управување со јавните финансии и зголемување на транспарентноста.
Една од клучните работи е петгодишната рамка на буџетирање во која може да се отсликаат ефектите на политиките и реформите што се носат. Бесими потенцира дека структурата на буџетот се менува во интерес на капиталните расходи, како и дека се намалува дефицитот заради фискалната консолидација, но притоа да се извршат беспрекорно главните функции на институциите и стратешките приоритети на државата.
Осврнувајќи се на капиталните расходи Бесими рече дека заклучно со вчера нивото на нивна реализација било 140 отсто во однос на минатата година. Истото се однесува и на приходите и расходи каде што има поголема реализација на приходи во однос на расходи што дава простор дефицитот до крајот на годината да биде понизок во однос на тоа што беше планирано.
„Резултат е помал јавен долг. Првичната проекција беше 61 отсто од БДП, а ќе завршиме со 59,3 отсто од БДП, кога веќе инфлацијата се сведе на 3,1 процент во ноември во однос на ноември минатата година“, рече Бесими, додавајќи дека економскиот раст на Европа и глобално забавуваше што се одрази и кај нас, но дека сепак има динамика на забрзан раст и на среден рок ратот треба да биде на ниво од 5 проценти како резултат на нови работни места. инвестиции и реформи за зголемување на конкурентноста на економијата
Во однос на макроекономските проекции, во Предлог-буџетот се предвува раст на економијата од 3,4 отсто, раст на инвестициите од 8,4 отсто и раст на домашната потрошувачка од 3,4 отсто при просечна инфлација од 3,6 отсто.
„Во вакви околности проектираниот раст на платите е 8,4 отсто и реален раст од 4,8 отсто и намалување на бројот на невработени“, рече Бесими.
Според образложението во Предлог-буџетот, овој документ обезбедува услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост и обезбедува и таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и стопанството и за интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ и спроведување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или се за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари. Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4 отсто, а инфлацијата на ниво до 3,6 отсто.
Инаку, во текот на комисиската расправа беа поднесени 272 амандмани, од кои 250 од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, но беа прифатени само три, од кои два беа предложени од владејачкото мнозинство, а еден од опозицијата.