Беше голема предност што ја имав во моите претстави. Ѝ благодарам: Унко за Снешка Стамеска


Фото: Б. Грданоски

 

На денешната комеморација во Драмски театар, од актерката, првенка Снежана Стамеска, која почина на 8 септември, на 79 години, се прости и славниот наш режисер во европски рамки, Слободан Унковски. Неговото последно збогум од Виена до актерката, денес, на сцената во Драмски го прочита актерот Рубенс Муратовски. 

Фото: Б. Грданоски

„Со Снешка не се сеќавам дека сме се дружеле надвор од пробите, но во процесот на развој на драмската материја имавме огромно и квалитетно разбирање и радост во откривањето на поинаквото и возбудливото.

Таа умееше да го одигра недофатливото:  енергија, опасност или среќа што доаѓаат од некаде а само нејзиниот лик, во нејзина интерпретација, го чувствува тоа, го предосеќа и предвреме се плаши, го тажи или се радува скриено…Со сето мое искуство не би умеел да го опишам попрецизно нејзиниот внатрешен тек, играњето на неодигривото, но можам овде да ја споделам мојата огромната возбуда секогаш кога имав можност да работам со неа, и да уживам во патувањето во непознато, во нејзиниот особен свет на разбирање и толкување на нештата. Во емоционалното доживување како подготовка на уште неслученото.

Нејзината глума беше во бегање, во економично покажување на врвовите на големата санта лед, во дефинирање на капката од големиот пороен дожд кој ќе не навјаса а, за разлика од неа,  ние и не знаеме дека доаѓа. Затоа неколкуте претстави кои имавме можност да ги сработиме од 1972 до 1992 година, остануваат како споменик и на нејзиниот талент и на интензивната размена со актерите што ја обележаа таа епоха на театарот.

Кога ќе помислам на Снешка Стамеска, неколку слики ми се појавуваат веднаш.  Најнапред ФДУ во Белград каде во есента 1967 таа веќе беше некоја генерација пред мене, ама се знаеше дека ја има, дека е многу талентирана, зафатена и евентуално, многу згодна. Помина некое време пред да ја сретнам во минување, ми дофрли, А и ти си од Скопје, и тоа беше максимум внимание што можеше еден бруцош да го добие од една скоро дипломирана глумица. Подоцна се најдовме обајцата во Драмски, првата заедничка претстава ни беше  Ништо по Камерна музика на Артур Копит, и бевме дел од новиот бран во театарот..

Последен пат сме работеле заедно во минатиот век, 1992 година, се изненадив кога ги пребројав годините, зошто сеедно  и покрај скршените врски, Снешка остана дел од мојот театарски свет. Потоа секој отиде по своите патишта.

Во седумдесеттите години Драмски беше како вулкан, така нашите индивидуални успеси беа можни зошто секогаш беа силно поткрепени со енергијата во потрага по промена, ново и поинакво во македонскиот и југословенски театар. Сигурно тоа беше највозбудливото место на културата во Македонија. Тој вител не движеше сите, во многу аспекти живеевме интензивно и тоа се пренесуваше во творештвото.

Го пробавме Јане Задрогаз, Снешка имаше некој хаос, доцнеше повеќе пати на проба. Ја опоменав и тогаш добив еден многу остар одговор, и на крај рече, ја напуштам претставата и нема никогаш да се вратам во поделата.

Театарот почна да бара замена а јас чекав зошто мислев дека со неа се ќе биде комплетно.. По десеттина денови, самата се појави на проба, никој не праша ништо, и така го заокруживме Јане Задрогаз.

Во Диво месо играше мудро и воздржано, една несреќа во движење, еден песимизам до крај, безизлез, со многу малку реплики, како засрамена од сопствената неволја, како некој што би имал право да ја проколнува сопствената судбина, да го проколнува Господ, фамилијата Андреевиќ, а сепак сиот товар го носи спакуван и концентриран во своето мало несреќно срце. И кога Снешка ќе ја изговори последната, и можеби најубава  реченица: Му го слушам срцето!  тоа беше момент на катарза, експлозија на емоции, едно мало светло во црниот тунел на нашата македонска несреќна историја.

Строго службени ни беа односите. Сепак, една ноќ, во времето кога имаше само статични телефони, во ситните саати, се јавува еден женски глас и вели: Ајде време е, се пораѓа? Кој се пораѓа? Снешка, треба да ја возиш во болница?  Која Снешка? И се сетив дека неколку недели пред тоа во Драмски се дискутираше кој ќе ја носи Снешка да се пораѓа зошто нејзиниот партнер не живееше во Скопје, а Драмски беше како фамилија па се грижеше. Во бифето кај Саво, сите и даваа број да им се јави, а јас, шегувајќи се,  реков, ова глумциве се неозбилни, јас ќе те возам. И заборавив. Тоа беше единствениот случај да водам една глумица на пораѓање и да објаснувам на шалтер кој е таткото..

Во Ослободувањето на Скопје, додека разни идеолошки комисии се спремаа да ја забранат претставата, Снешка ја играше најделикатната роља, Лица, македонка што има врска со германски офицер, што од љубов, што да го прехрани семејството додека маж и е во партизани…Само нејзината мекост, топлина, суштинска искреност, можеше да го „покрие„ овој лик, да ги направи дилемите и дејствувањата на Лица, уверливи и прифатливи се до нејзиниот, евентуално, трагичен крај. Со Снешка потоа одевме во Сараево да ги земеме Златните венци, и сведочам и денес за огромниот аплауз при соопштувањето на нејзиното име како добитник.

Еднаш подоцна, во осумдесеттите години кога Драмски ќе го отфрли текстот Среќна Нова 49, ќе отидеме со Снеже и со Ненад во МНТ  и во таа единствена наша заедничка претстава надвор од Драмски, ќе ја одигра Стамеска една од своите најубави сцени кога во огромниот простор ќе дојде во допир со својата забранета љубов.

Драмски театар е трошна зграда но со големо и упорно срце. Ги издржува налетите на секакви невремиња, природни, финансиски  или политички, и си стои закотвен во   своето замислено море, на место како да е еден остарен брод со олупена боја и веќе не така сигурен во себе како некогаш. Една од неговите котви, што му даваа стабилност, постојаност и гордост, беше Снежана Стамеска, една млада жена со развеана коса и со смеење што не може да запре, елегантна со полу високи штикли, и во постојана динамика во докажување на својата вистина и своите избори. И како да ја гледам и сега како да вели: Ма ти кажувам ја, така е и никако друкше. Па си ја поправа косата и излегува на сцена за да победи.

А таму во длабочината се отвара една врата и се појавува  Ненад, тоа веќе не е Драмски, тоа е Суботица каде едни двајца љубовници ќе се сретнат после многу години благодарејќи му на Горан Стефановски во  Чернодрински се враќа дома.

Беше голема предност што ја имав во моите претстави. И благодарам.“

Виена, 11.09.24