Беса победи во Тетово, но генерално сите се губитници. Тетовци се разочарани од политиката

Победата на Беса е несомнена, како и загубата на Алијансата за Албанците, но неочекувано горчлив пораз доживеаја граѓанските активисти


 

Еден победник и многу губитници на изборите за Советот на Општина Тетово. Без дилеми, Беса може да биде презадоволна од резултатот на гласањето, но генерално сите политички партии треба да се загрижени од апатијата на гласачите, кои со рекордно нискиот одѕив од 35 отсто покажаа дека политичарите и политиката ја загубија пораката до граѓаните, а тие ја зголемија нивната недоверба.

Од 84.072 избирачи во Тетово во саботата гласаа само 29.690, иако дури и денот на изборите беше за прв пат преместен во сабота за да можат на гласачките места да излезат и оние кои работат во странство за потоа веднаш да тргнат назад кон нивните европски домови. Резултатот е легитимен, но иако Беса доби 9.620 и ја прославуваше со зурли и тапани победата, тоа изнесува едвај 11,4 отсто од вкупниот број избиричи во Тетово. Тоа е голема порака за тоа што мислат тетовци за политичарите и партиите што беа на чело на општината во последниве две децении и за оние што сега ја водат.

Генерално, во Тетово последниве години има помала излезност од вообичаениот македонски просек, но на гласањето во саботата излегоа дополнителни 6.843 гласачи помалку. Одредена мистерија е и зошто иселениците кои во саботата беа во родниот крај не излегоа на биралиштата во оној број што се очекуваше. Партиите треба да побараат вистински одговори од каде доаѓа оваа голема индигнација на граѓаните. Затоа што одговорите секако лежат во политичките структури.

Можеби најспектакуларен е поразот на Алајансата за Албанците, но ништо по тој негативен спектакл не заостануваат ни граѓанските движења. Тие беа мотор на граѓанската свест последниве години во Тетово, но сега не усепаја да освојат ниту едно советничко место (досега имаа две). Тоа е многу отрезнувачка порака не само за активистите во Тетово, туку и за другите такви движења во Македонија и е знак колку лесно и брзо се губи довербата кога ќе станеш дел од политиката и нејзините игри. 

Беса во 2021 година доби 8.367, а денес 9.620. Зголемувањето е за 1.253 гласови. ДУИ во 2021 година доби 10.114 гласа, а сега 8.702. Намалувањето е за 1.412 гласови. Вистински колапс доживеа Алијансата за Албанците – во 2021 година доби 3.912, а во саботата само 777 гласови. ДПА во 2021 година доби 2.526 гласа, а сега 1.058 гласа. Во 2021 независната листа „Подобро за Тетово“ доби 2.842 гласа, а во саботата двете граѓански листи собраа едвај 897 гласови. Тоа е ужасен резултат за граѓанските активисти. Тие исто така треба искрено да си го постават прањето – каде згрешивме? и да се обидат да најдат одговори. 

Во македонскиот блок двете партии се на исто растојание – четири советници за ВМРО-ДПМНЕ и два за СДСМ. И двете партии изгубија гласови: ВМРО-ДПМНЕ доби 3.332 (наспроти 4.062 во 2021) а СДСМ 1.953 (наспроти 2.672). Разликата во гласовите во корист на ВМРО-ДПМНЕ е 1,7 пати на гласањето во саботата, а во октомври 2021 беше 1,52. Постојаните вмровски приказни за предавството за почнувањето на преговорите со ЕУ и наводното потклекнување под бугарскиот диктат не ѝ донесоа нови гласови на опозицијата, а во некоја рака СДСМ може да биде задоволен од гласањето во Тетово, затоа што генерално успеа да задржи огромен дел од своите гласачи.

Но, Левица не може да биде задоволна, затоа што националистичката реторика не ѝ донесе успех во една комплицирана мултиетничка средина како тетовска општина. Таа загуби речиси една третина од гласовите – во 2021 имаше 907, а сега едвај 646 гласа.

Од каде дојде оваа недоверба на граѓаните кон политичарите? Кампањата беше целосно демократска, без инциденти или други забелешки.

Политичкиот аналитичар Џелал Незири вели дека проблемот лежи во изгубената верба на граѓаните на Тетово дека преку демократскиот изборен процес ќе можат да ги решат проблемите со кои секојдневно се соочуваат. Според него, пет точки се важни за незадоволството на тетовци: договорни вработувања на стотици партиски милитанти; сообраќаен хаос и немање паркинзи; недостиг на простори за пешаци; немање паркови и рекреативни центри и отстуство на урбанистичко планирање и борба против урбаната мафија. (Н.В.)