Берзата во август: Ова се компаниите со најтргувани акции
Од брзата пруга на која во јули ја префрли тргувањето со акциите на „Окта“, берзата во август повторно е на редовниот колосек. Тоа значи дека прометот е во вообичаената рамка, исто како и реализираните трансакции, но обележани со високи минуси предизвикани од кочењето по достигнатиот залет. Се врати и нормалниот распоред на листата најтргувани акции – Комерцијална банка, па „Алкалоид“…
Прометот изнесува 511.916.314 денари или 8,3 милиони евра. За споредба, во јули се зборуваше за 21,5 милиони евра. Месечниот пад е 61,28 отсто. Трансакциите се проследени со намалување од 42,56 проценти, а нивниот број е 1.564. Другите општи податоци на Македонска берза за осмиот месец од годината се: пазарна капитализација од 303.124.348.120 денари (↑0,61%) и МБИ10 со вредност 8.578,40 (↑1,15%).
По краткотрајниот излет на втората позиција, акцијата на Комерцијална банка одново е на врвот од табелата. Преку 565 трансакции во август се истргувани 6.388 акции, а месечниот промет изнесува 152.350.090 денари (2.477.566). Во вкупната структура на берзанскиот промет учествува со 39,56 проценти. Притоа, достигната е највисока цена од 24.329 и просечна од 23.849,42 денари.
Акцијата на „Алкалоид“ својот максимум го има на нивото од 22.250 денари, додека просекот е 22.010,91 денар. Во купопродажните активности биле опфатени 3.162 акции, со кои е направен промет од 69.598.496 денари (1.131.842 евра). Евидентирани се 310 трансакции. Со тоа, има удел од 18,07 проценти.
Хартиите од вредност на НЛБ Банка често се на третата позиција. Во август се истргувани 884 акции, прометот е 39.262.503 денари (638.496 евра), а уделот 10,19 проценти. Највисоката месечна цена изнесува 45.000 денари, додека просечната била 44.414,60 денари. Реализирани се 132 трансакции.
Во оваа петорка најголема е вредноста на акциите од „Макпетрол“, со августовски просек од 86.673,42 денари и максимални 89.000 денари. Истргувани се 299 акции во 82 трансакции, а постигнат е промет од 25.915.352 денари (421.437 евра). Во вкупниот промет партиципира со 6,73 отсто.
Информацијата за претстојното присоединување кон најголемата македонска банка, се чини, го поттикна интересот за акцијата на Стопанска банка Битола, која минатиот месец влезе во друштвото на најтргуваните. Остварен е промет од 20.638.586 денари (335.617 евра). Забележана е највисока цена од 4.000 и просечна од 3.292,17 денари. Станува збор за 6.269 акции и 76 купопродажни трансакции. Има учество од 5,36 проценти во вкупниот остварен промет. (Пари)