Бертолини: И покрај напредокот во реформите проблем број еден е како до ефикасна јавна администрација


Помош во имплементација на новиот Закон за правна помош, зајакнување на капацитетите на Антикорупциската комисија и финансовата полиција, обука на раководствата и персоналот на затворите, а прв пат и активности во делот на антидискриминацијата, се дел од областите кои ќе бидат опфатени со „Хоризонталниот инструмент“ на Советот на Европа и на ЕУ за 2019 – 2022 во нашата земја, за што се изводени четири милиони евра. Сепак, и покрај многуте реформи и добрата насока во која се движат, проблемот број еден на Северна Македонија е како јавната администрација да работи ефикасно, вели во интервју за МИА Никола Бертолини, шеф на одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје.

-Земјата направи многу реформи и патот на реформите е добар. Нема ниту една земја во регионот која направиле толку многу во изминатите 2-3 години. Сепак, има реформи кои треба да се комплетираат, но, во најголем број од случаите треба да потврдиме дека земјата е подготвена за почнување на преговори. Потоа, ако погледнете во законодавството, многу закони се поминати, недостига имплементација која нормално бара фондови и луѓе. И ова ме носи до најголемиот проблем на Северна Македонија, а тоа се човечките ресурси. Јавниот сектор нема доволно капацитет во однос на вештини и посветеност. Нема многу луѓе кои работат во јавната администрација и кои се посветени на работата, а малкуте кои работат многу, се преоптоварени. Значи, проблемот број еден на Северна Македонија е како јавната администрација да работи, посочува Бертолини.
Веќе е промовирана втората фаза од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа „Хоризонтална подготвеност“ за поддршка на Западен Балкан и Турција, која е во вредност од 41 милион евра и треба да се спроведе од 2019 до 2022. Колку од средствата се наменети за проекти во Северна Македонија?
-Да, ова е втора фаза од проектот. Бев дел од тимот во Брисел кој работеше на подготовката на целокупната програма на Хоризонталниот инструмент. Пред четири години, ја започнавме оваа програма, која во првата фаза имаше вредност од 25 милиони евра. Откако ја согледавме  успешноста и ефикасноста на оваа операција, во втората фаза ја зголемивме сумата на 41 милион евра. Сите овие средства се делат на три главни компоненти, а тригодишниот акциски план е најважната компонента во која секоја земја има свое досие. За Северна Македонија се определени околу четири милиони евра. Овие средства во вредност од четири милиони евра ќе бидат наменети за пет различни активности. Постојат и регионални проекти во кои учествува секоја од земјите опфатени со проектот, што претставуваат дополнителни средства кои што е тешко да се прецизираат. И третата компонента е Механизмот за координација на експерти (Expert Co-ordination Mechanism), кој подразбира користење помош од експерти за специфични законски проекти. Минатата година на овој начин и помогнавме на Државната изборна комисија за унапредување на Изборниот законик.
Програмата е фокусирана на четири главни области: обезбедување правда, борба против корупција и економски криминал, спречување дискриминација и заштита на правата на ранливите групи, како и слободно изразување и слобода на медиумите.
Со оглед дека програмата е создадена според потребите на секоја земја, на кои области Северна Македонија треба да го насочи своето делување за да се усогласи со стандардите на СЕ и ЕУ?
-Тригодишниот акциски план, кој е првата и најголемата компонента, вклучува различни активности наменети само за Северна Македонија. Зборуваме за активности во делот на правната помош. Знаете дека во мај, годинава, беше одобрен новиот Закон за правна помош, ние веќе го поддржавме, а сега ќе ја поддржиме и неговата имплементација. Помошта ќе биде наменета за регионалните канцеларии на Министерството за правда и на Адвокатската комора со цел да биде подобро имплементиран и да им се даде правна помош на луѓе кои немаат можност да ја добијат. Кога станува збор за борбата против корупцијата и финансискиот криминал, работиме заедно со Државната комисија за спречување на корупцијата, со Финансиската полиција со цел да ги зајакнеме нивните капацитети за справување со овој вид криминали. Секако, ова е одговор на препораките на Monival и ГРЕКО. Исто така, работиме и во затворите, каде фокусот е на обука на раководството и на персоналот како да препознаат и соодветно да третираат случаи на радикализација и контратероризам, како и да ги унапредат правата на затворениците за ментално здарвје и здравјето воопшто. Ова се значи прашањата на кои работиме во затворите, вклучувајќи и надворешен механизам за надзор на полицијата како се справува со затворениците.
Повторно ќе работиме на областа трговија со луѓе, фокусирајќи се на трудовата експлоатација и трговијата со деца. Помошта ќе оди за институциите како да им помогнат на жртвите на трговија со луѓе, значи не само превенција, туку и грижа за овие жртви. И што е многу важно, прв пат ќе имаме активности во делот на антидискриминацијата, помагајќи и на Комисијата за заштита од дискриминација, на Омбудсманот и на МТСП во борбата против дискриминацијата, пред се, на ЛГБТИ заедницата и говорот на омраза преку иницијативата  „Амбасадори против говорот на омраза“ која ќе ја поддржиме. Ова се областите на кои ќе работиме во рамки на тригодишниот акциски план, а покрај тоа тука се и регионалните иницијативи во кои ќе бидат вклучени парламентите и телата за контрола на правосудните реформи.
Што треба да очекуваме во врска со обезбедувањето правда и достигнувањето на критериумите од поглавјата 23 – Правосудство и основни права и 24 – Слобода, правда и безбедност? Кој е Вашиот став што сѐ уште не е донесен Законот за јавно обвинителство?
-Во овој дел, како што реков, ќе се даде поддршка на реформите во правосудството, преку обуки, надградување на капацитетите, јакнење на Академијата за судии и обвинители. Исто така ќе интервенираме многу и во делот на слободата на изразување, каде ќе работиме со Академијата за судии и обвинители, со медиумските здруженија, медиумскиот регулатор на се она што се однесува на човекови права и на случаи на Меѓународниот суд за човекови права.
Кои активности се планираат во делот на слободното изразување и слободата на медиумите, теми што првпат се вклучена во програмата?
-Ова е продолжување на активностите кои ние веќе ги поддржавме во рамки на проектот ЈУФРЕКС (проект на Советот на Европа за промоција на слободата на изразување), особено во делот на обуката и јакнење на капацитетите на судии и јавни обвинители, со која сега ќе бидат опфатени и припадници на полицијата и парламентарци преку правни случаи на слобода на говорот кои биле претставени пред Меѓународниот суд за човекови права  во Стразбур.
Една од најчестите забелешки на состојбата во пенитенцијарниот систем се лошите услови и пренатрупаноста на затворите. Во кои сегменти ќе ѝ се помогне на државата да се подобрат состојбите во блиска иднина?
-На затворите во земјава, како што рековте, им е силно потребна помош во делот на физичката инфраструктура, но и во однос на тоа како ги третираат затворениците. Како што веќе кажав, овие активности ќе вклучат обука на раководството и на персоналот во затворите, како да препознаат и соодветно да третираат случаи на радикализирано лице, како и да ги унапредат правата за менталното здравје на затворениците. Важно е да се нагласи дека ние веќе инвестираме од ИПА -фондовите во објектите, како што е реконструкцијата на затворот во Битола. Во Идризово, преку Банката на Советот на Европа, во минатото, поддржавме изградба на нови згради за затворот, кој е во драматична состојба, за што се уверив самиот. Но, во Идризово градиме и судница за тешките кривични дела со цел во периодот на судската постапка се до пресудата, да немаат можност за бегство. Во Идризово, исто така, инвестираме во нови згради преку следната ИПА 2020 програмата, а во тек се и важни активности за поддршка на канцеларија за пробација која ќе го мониторира системот на пробација. Затворите, за жал, се еден од големите корисници на ИПА-фондовите, бидејќи во овој дел земјата треба уште да се развива. Да не ја заборавиме и новата стратегија за затворите, која исто така ја поддржавме.
Кое е вашето мислење за реформите во земјата, генерално, и особено во областите издвоени во извештаите на ЕК и на Прибе?
-Земјата направи многу реформи и патот на реформите е добар. Нема ниту една земја во регионот која направиле толку многу во изминатите 2-3 години. Сепак, има реформи кои треба да се комплетираат, но, во најголем број од случаите треба да потврдиме дека земјата е подготвена за почнување на преговори. Потоа, ако погледнете во законодавството, многу закони се поминати, недостига имплементација која нормално бара фондови и луѓе. И ова ме носи до најголемиот проблем на Северна Македонија, а тоа се човечките ресурси. Јавниот сектор нема доволно капацитет во однос на вештини и посветеност. Нема многу луѓе кои работат во јавната администрација и кои се посветени на работата, а малкуте кои работат многу, се преоптоварени. Значи, проблемот број еден на Северна Македонија е како јавната администрација да работи. ефикасно.