Берлин блокиран од активисти кои се борат за забрана на фосилни горива


Членовите на еколошкото движење „Последната генерација“ ја продолжија својата најавена „акциска“ недела во германската престолнина со блокирање на бројни патишта во Берлин денеска со протести со кои сакаат да ги поттикнат владините мерки против климатските промени и итната забрана на фосилните горива.

„Блокади на патишта беа спроведени на 12 локации во градот, а дел од акциите беа спречени од полицијата со навремена реакција. Приведени се и неколку активисти поради давање отпор на полицијата“, соопшти полицијата во Берлин преку социјалните мрежи.

Полицијата упаднала во стан на активист
Јавниот сервис RBB јавува дека е извршен претрес во станот на активист на „Последната генерација“ во Берлин. На вториот ден од интензивните блокади во акција се околу 500 полицајци. „Последната генерација“ најави дека ќе продолжат со интензивни блокади низ Берлин.

Полицијата ги повикува возачите да не ја земаат правдата во свои раце и да не ги напаѓаат активистите бидејќи ќе се соочат со криминални последици. Во понеделникот имаше физички напади врз еколошки активисти, а еден возач употребил и солзавец.

Полицијата соопшти дека некои раскрсници ќе останат затворени подолго време за да се санираат штетите предизвикани од отстранувањето на активистите заглавени на асфалтот. Како што се наведува во соопштението, активистите од неодамна користат нова мешавина на лепак која содржи песок и кварц и потешко се одвојува од асфалтот.

Испрскана Брандербуршката капија
Во неделата членовите на „Последната генерација“ ја испрскаа со боја Бранденбуршката капија, заштитен знак на Берлин,. Градската власт во вторник соопшти дека чистењето ќе трае до четврток и ќе чини 35.000 евра.

Со своите протести, „Последната генерација“ сака да ја принуди германската влада да го забрза спроведувањето на мерките кои би ги забавиле климатските промени и бара целосно напуштање на фосилните горива веќе во 2030 година наместо плановите на владата, во кои се наведува годината 2045 година како цел.