Бериша: Пуч е она што владејачкото мнозинство му го прави на Мета


Поранешниот албански претседател, екс премиер и почесен претседател на опозициската Демократска партија, Сали Бериша изјави дека е пуч она што владејачкото мнозинство му го прави на претседателот Илир Мета.

Коментрајќи ја иницијативата за разрешување на Мета и формирањето анкетна комисија, која треба да испитува дали тој го прекршил Уставот со уредбата за одложување на локалните избори, Бериша вели дека според меѓународна експертиза уредбата на Мета е врз основа на неговите уставни надлежности и оти истата е во сила.

-Анкетната комисија е државен удар, автентичен на оваа земја во која шефот на медузата, заедно со наркомомците, го презеде Уставот, институцијата Претседател. Меѓународната експертиза објави дека тие уредби не можат да бидат разгледани од никој друг освен од Уставниот суд, ниту од нарковладата, ниту од нарко централната изборна комисија на Денар Биба (потпретседател на ЦИК). Им кажувам на Албанците дека тие прават јасни чекори за државен удар и затоа треба да се соочиме со Еди Рама, изјави Бериша.

Тој посочува дека поради „кражби и неуставни дела премиерот Еди Рама ќе скапува в затвор 37 години“.

-Еди Рама ќе скапува, најмалку 37 години в затвор поради кражби и неуставни дела. Според експертите, најмалку 37 годишен затвор му следува, па затоа го прави сето ова. Знам дека се приближува времето на правдата. Сега тој е див непријател на слободата, здравјето, националниот интерес на овој народ, смета Бериша.

Синоќешниот масовен протест на опозицијата Бериша го окарактеризира како народно востание кое „ќе го избрише Рама од лицето на земјата“. Востанието денеска, додава тој, е посилно од кога било.