Бербок порача пратениците да мислат на иднината на Македонија, а не на партијата

Германската министерка изјави дека со храбра политичка одлука за промената на Уставот Македонија ќе испрати јасен сигнал до целиот регион


Аналена Бербок на прес-конференцијата во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

 

Аналена Бербок денеска од Скопје ја испрати пораката на Германија до македонските политичари и партии да не потклекнат пред важната пречка за забрзување на евроитегративниот пат и да ги изгласаат уставните измени. Германската министерка за надворешни работи на прес-конференцијата со нејзиниот македонски домаќин, Бујар Османи, рече:

„Кога станува збор за спроведување на договореното и кога навистина мора да се промени Уставот, тогаш можам само да ве охрабрам – искористете ги сите расположливи средства процесот да продолжи во наредните месеци, да не се случи да не успеете на оваа клучна пречка“.

Според неа, со таквата храбра политичка одлука Македонија ќе испрати јасен сигнал до целиот регион – „Го сакаме приемот во ЕУ и ќе направиме сѐ што е неопходно за тоа“.

Таа изрази големо почитување и признание за она што досега го направи Македонија по европскиот пат. „Знаеме какви компромиси и отстапки вие направивте за сево ова, поаѓајќи од промената на името на земјата, па сѐ до постигнувањето на согласност за промената на Уставот минатото лето. Знам дека договорот што го постигнавте со Бугарија не беше лесен за вас и затоа им се обраќам на сите оние луѓе кои сѐ уште чувствуваат некаква нелагодност во однос на тоа. Уставот не е нешто што се менува постојано, туку тоа се важни чекори и затоа и можам да разберам дека се дебатира за тоа – особено кога станува збор за сопствениот идентитет и сопствената историја, јазик и култура“, рече Бербок.

Фото: Б. Грданоски

Таа нагласи дека е многу важно „во вакви моменти кога станува збор за сопствениот идентитет да не се водат црно-бели дебати, туку да се зборува поинаку во политиката“.

Договорената промена на Уставот, рече германската шефица на дипломатијата, која е во прва посета на Скопје, „не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите или натпреварот во тоа која партија на крајот на изборите би можела да има некаква предност“.

„Во вакви моменти кога се прави промена на Уставот, процесот многу различен во демократиите и автокартиите или дикатурите – каде се менува само со потпис на еден човек. Но во демократијата мора да се борите многу напорно и за секој глас. И секој глас значи за да има двотретинско мнозинство. Мора да се седи на иста маса со опозицијата“, рече Бербок.

Таа изјави дека во нејзината денешна агенда немало време да се сретне со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, испраќајќи на тој начин и посредна и директна политичка порака. Но дека повторно ќе дошла во декември. Што значи, по завршувањето на скрининг процесот и евентуалната разврска околу уставните измени.

Бербок попладнево ќе отиде во Собранието, каде освен кусата средба со спикерот Талат Џафери ќе има состанок со Комисијата за надворешни работи, на чие чело е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски. Бербок ќе биде примена и од претседателот Стево Пендаровски.

Промената на Уставот не смее да стане политичко јаболко на раздорот во натпреварот за популарност во анкетите, рече Аналена Бербок (Фото: Б. Грданоски)

Османи на прес-конференцијатарече дека „Германија продолжува да биде еден од најсилните партнери на европската интеграција на регионот и во тој контекст би сакал да се заблагодарам за силната и континуирана поддршка што ја добива и нашата земја“.

Според него, 2030 е амбициозна, но остварлива цел за интеграција во ЕУ на сите земји од Западен Балкан.

„Македонија има преземено обврски коишто мора да ги испорача, а преговорите со ЕУ за членство мора да продолжат. Овој пат тоа зависи само од нас. Во Унијата не се интегрира Владата, туку целата држава, заедно со опозицијата и секој од нас треба да ја понесе обврската за овој процес и тука сметаме на поддршката на нашите европски пријатели“, истакна Османи.

Германија, додаде Османи, е наш трговски партнер број еден, со кого имаме највисока трговска размена.

„Изминатата година достигна над пет милијарди евра и продолжува да се зголемува, а од Германија во земјава доаѓаат и најголемите странски инвестиции со над 200 германски компании присутни на нашиот пазар. Оттука сакаме оваа соработка да ја крунисаме со создавање стратешко партнерство меѓу двете земји“, нагласи Османи. (Н.В.)