„Бенетон“ ја затвора единствената фабрика во Србија, во Ниш
Во фабриката работат 900 работници и тие ќе бидат прогласени за технолошки вишок
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2025/02/Бенетон-во-Ниш.jpg)
Групацијата „Бенетон“ официјално потврди дека поради деловни проблеми, нивната единствена фабрика во Србија, лоцирана во Ниш, во која работат повеќе од 900 работници, ќе биде затворена и работниците ќе бидат прогласени за технолошки вишок.
Градоначалникот на Ниш, Драгослав Павловиќ, прецизираше дека Бенетон, кој во овој град работи веќе 15 години, во следните два месеци ќе го затвори производниот погон и вети помош на работниците.
„Компаниите ‘Бенетон СРБ’ и ‘Бенетон Книтинг Србија’ ќе покренат постапка за затворање на производниот погон во Ниш на 10 февруари поради деловните проблеми на групацијата ‘Бенетон’, како и раскинувањето на договорите за работа на вработените врз основа на технолошки технолошки вишок“, се вели во соопштението.
Исто така, се наведува дека „Бенетон“ целосно ќе ги почитува своите договорни и законски обврски во однос на вработените во фабриката и дека „во процесот на затворање на фабриката, ќе дејствува во наредните денови додека одржува отворен дијалог со релевантните државни органи“.
„Ова е особено болна одлука, која за жал повеќе не може да се одложи, предизвикана од сериозната кризна состојба низ која минува Групацијата ‘Бенетон’, а која се однесува на матичната компанија, сите производствени погони и италијанската и светската комерцијална мрежа“, велат од компанијата.
Таквата криза доведе до „нагло намалување на нарачките воопшто, а со тоа и во производниот погон во Ниш, кои во последните неколку месеци во суштина се сведени на нула“.
Градоначалникот Павловиќ оцени дека гасењето на овој објект ќе биде „голем удар за градот“, но дека градското раководство нема да стои на страна, туку ќе се занимава со решавање на проблемот.
Тој додаде дека затворањето на фабриката во Ниш е последица на деловните проблеми на компанијата на глобално ниво.
„Со заедничка работа можеме да најдеме решенија. Во 2025 година очекуваме да отвориме две нови фабрики ‘Палфингер’ и ‘Аристон’, кои во првата фаза ќе вработат повеќе од 650 работници. Исто така, градот активно работи на проширување на индустриските зони, со цел да се привлечат дополнителни инвестиции“, рече Павловиќ.
Групацијата „Бенетон“ во соопштението рече дека компанијата ја заврши финансиската 2023 година со загуба од 230 милиони евра и со кумулативна загуба од 1,6 милијарди евра во последните 10 години.
Ситуацијата дополнително се влошува од „контекстот на глобалниот пазар, бидејќи физичкиот канал на модниот сектор продолжува да бележи значителен пад, со просечна негативна стапка на раст од минус пет проценти помеѓу 2019 и 2023 година“.
За да избегне банкрот, групацијата „Бенетон“ започна радикален план за реструктуирање од 360 степени во сите географски области во кои е присутна.