Белградски Торлак почна со производство на руската вакцина Спутник В


 Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ) на својата веб-страница објави дека Институтот Торлак почнал со производство на руската вакцина Спутник В во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Според рускиот фонд, Србија со ова стана првата земја во јужна Европа што произведува Спутник В.

-Производството на Спутник В во Србија ги исполнува најдобрите стандарди во производството на вакцини, се наведува на веб-страницата на РДИФ, во која се додава да вакцината подоцна би можело да се извезува во други земји во регионот.

Вакцинацијата против коронавирус со руската вакцина во Србија почна на 6 јануари 2021 година, потсетува рускиот фонд.

Спутник В до денеска е регистрирана во 60 земји во светот со вкупно население од три милијарди луѓе, соопшти фондот, додавајќи дека ефикасноста на Спутник Ве изнесува 91,6%, „како што беше потврдено од податоците објавени во Лансет, една од најстарите и најценетите медицински списанија во светот“.

Српскиот министер Ненад Поповиќ, на својот Твитер профил објави дека денес е извршено првото полнење на вакцината Спутник В во Торлак.

-Во рамките на договорот постигнат меѓу Рускиот фонд за директни инвестиции и Институтот Торлак во Србија, производството на вакцината Спутник Ве успешно започна за краток временски период. Србија е првата европска земја што започна со производство на руска вакцина. Од почетокот на годината Спутник Ве активно се користи при вакцинирање на населението, а обемот на вакцинација може значително да се зголеми благодарение на почетокот на локалното производство, изјави директорот на рускиот фонд Кирил Дмитријев, се наведува на веб-страницата.