Белград му прави лоша „услуга“ на Новак Ѓоковиќ


Во спортскиот центар освен тениски терени има еден затворен олимписки и три надворешни базени

Градските власти го издаваат под закуп големиот спортски центар по услови кои може да ги исполни само фирмата на семејството на Новак Ѓоковиќ

 

Тендерот за закуп на големиот спортски центар во Белград бил така подготвен за да може да го добие само една фирма – онаа на семејството светскиот тенисер број 1 Новак Ѓоковиќ, објави „Транспарентност Србија“.  Како што пишува весникот „Данас“ во понеделникот на 2 август, на тендерот имало само една понуда за спортскиот центар порано познат како „25 Мај“, а сега со новото име „ Милан Гале Мушкатировиќ“.

Истиот ден, „Транспарентност Србија“ објави анализа на огласот во која се наведува дека условите пропишани со тој повик „се изигрува целта на јавниот тендер, бидејќи тие можат да ги исполни една компанија“.

Во огласот што го објави градот Белград се нудеше закуп на спортски центар, без да се наведе неговото име, туку само катастарските парцели на кои се наоѓа и квадратурата што се нуди. Центарот, кој беше темелно реконструиран во 2011 година, покрај спортските сали и тениските игралишта, кој веќе неколку години го користи тимот на Новак Ѓоковиќ, има и затворен олимписки и три надворешни базени, од кои еден е за меѓународни натпревари. Зафаќа 2.024 квадратни метри покриен простор, за кои се бара најмалку 513 динари за метар квадратен и 12.386 квадратни метри, каде почетната цена е 85 динари по квадратен метар – вкупно 2,1 милион динари  (17.800 евра).

Фирмата што аплицира ќе мора да биде регистрирана во Србија и да работи најмалку една година, а вториот услов е, не сметајќи ја обврската за плаќање на депозитот, да организирала турнир од серијата АТП 250 и ВТА 250 во последните 12 месеци. Само компанијата на семејството Ѓоковиќ можеше да ги исполни тие два услови во пакетот, ја пренесува „Данас“ анализата на „Транспарентност Србија“.

Заради таа анализа, заменик -градоначалникот на Белград, Горан Весиќ, вчера, ја обвини „Транспарентност“ дека сака да го протера Новак Ѓоковиќ од Србија.

„Туниските турнири се одржуваат таму неколку години, одлуката на Градот е да имаме турнири од категорија 250 на тоа место, во иднина 500. Огласот е  направен апсолутно според законот, ‘Транспарентност’ лаже дека сѐ е наместено. Не е точно дека само една компанија ги организира тие турнири, баравме некој што има лиценца, ги има многу низ целиот свет, тие се организирани и од Рафаел Надал и Роџер Федерер, Јан Циријак, секој можеше да се пријави“,  тврди Весиќ.

На прашањето како може да се очекуваат други учесници кога условот беше компанијата да биде регистрирана во Србија, тој рече дека секој може да регистрира компанија во земјата, постапката траела три до пет дена, но не сакаше да коментира дека според условите од огласот таа мора да работи во Србија најмалку една година.

Во огласот не се наведува далу закупот важи за еден месец, една година или за сите 20 години.