Белград доби нова автобуска станица, првите поаѓања в недела
Во Белград денеска беше отвoрена нова меѓуградска автобуска станица, во блок 42 на Нов Белград, каде што порано беше „Бувјакот“, а првите тргнувања ќе бидат в недела на 29 септември, јави дописникот на МИА од Белград.
Градоначалникот на Белград Александар Шапиќ на отворањето на автобуската станица (БАС) рече дека оваа инвестиција е вредна 17 милиони евра.
Тој најави дека ќе се распише тендер за изградба на голема станична зграда и да паралелно ќе се гради и железничка зграда, а изградбата на двете згради треба да заврши до крајот на 2027 година.
Тој додаде дека очекува старата автобуска станица што се наоѓа во центарот до некогашната главна железничка станица, на Савскиот плоштад после 50 години да биде затворена до недела.
Според градоначалникот на Белград, сега се создадени услови за затворање и на стариот Савски мост (Железниот мост), а новиот наречен Српски мост ќе биде готов до 2027 година.
Како што претходно беше најавено, за време на работите кои започнаа во 2017 година, изградена е плато на станицата со 65 перони – 12 влезни, 53 излезни и паркинг со 186 места, од кои 89 се наменети за патници кои пристигнуваат, а 97 за патници кои заминуваат.
Резурвирани се осум перони за поаѓање за приградскиот сообраќај, 22 за меѓуградскиот, 14 за меѓународниот сообраќај и девет за вон линијскиот – туристички сообраќај.
Изградена е такси станица со 25 места и „подготвителен паркинг за автобуси“ со 80 места.
Од новата автобуска станица ќе поаѓаат и ќе пристигнуваат и сите меѓународни автобуси од и за Македонија.
Новата автобуска станица (БАС) има шалтер сала, комерцијални објекти, угостителско-трговски објекти, детско катче, амбуланта и банкомати.