Белгија со највисока стапка на смртност од Ковид-19 во светот
Белгија – Белгија ги надмина Перу и Шпанија во бројот на мртви од Ковид-19 на 100 илјади жители, јави дописничката на МИА од Брисел.
Со 110 починати на 100 илјади жители, Белгија е сега земја со највисока стапка на смртност од Ковид-19 во цел свет, покрај досегашните „шампиони“, Перу, Шпанија и Бразил.
Белгија беше меѓу најлошите ученици за време на првиот бран но ситуацијата набрзо се смири. Од август највисока стапка на смртност имаше Перу, но со појавата на вториот бран Белгија е повторно најостро погодена.
Медиумите во Белгија денеска ги анализираат причините за оваа ситуација и формулираат силни критики кон властите кои уште за време на првиот бран одбија да преземат строги мерки како изолација, карантин и спречување на несуштински патувања во најзаразените зони во Европа.
Се критикува и отсуството на маски и заштитни опреми на почетокот на вирусот, како и недоволното тестирање.
Белгија е исто така густо населена земја на мала површина, што, според експертите, фаворизира брзо ширење на вирусот.
Една од најострите критики кон белгиските власти е фактот што за време на првиот бран беа оставени пензионерските домови речиси целосно сами на себе, со што вирусот масовно ги покоси највозрасните.
Вториот бран на Ковид-19 дополнително ја влоши состојбата во оваа земја која сега брои над десет илјади мртви од вирусот. Властите се надеваат дека пикот е сега зад нив, но рестрикциите нема да бидат ублажени пред да се знае со сигурност дека епидемијата е под контрола, увери владата.