Белен: Ќе барам мандатар кој ќе има широка поддршка во Парламентот


Австрија– Претседателот на Австрија Александер ван дер Белен изјави дека, откако и беше изгласана недоверба на преодната Влада на канцеларот Себастијан Курц, во потрагата во нов мандатар ќе бара личност која ќе има поддршка во Парламентот.

– Тоа значи дека ќе барам мандатар кој ќе има широка поддршка во Парламентот, за да избегнеме ново изгласување недоверба, рече синоќа австрискиот претседател.

Ван дер Белен најави дека во согласност со уставните обврски, денеска ќе ја распушти Владата на канцеларот Курц, но и оти ќе и наложи да работи до формирање на нова влада, меѓутоа под водство на актуелниот министер за финансии и вицеканцелар Хартвиг Легер.

– Ова е само привремено решение, затоа што е важно сите министерства да бидат пополнети со министри, со цел државата да остане делотворна, објасни тој.

Според него, потрагата по нов мандатар нема да трае подолго од една недела.