Бектеши: Потребна е промоција на регионот како единствена туристичка дестинација


Неопходно е во овој момент земјите во регионот да соработуваат меѓу себе за побрзо да се надмине оваа здравствена криза која прерасна во економска криза во целиот свет. Како земја сме подготвени заеднички со сите земји во регионот да подготвиме заедничка програма со која ќе го промовираме регионот како единствена туристичка дестинација, посебно оваа година каде што штетите во туризмот ќе бидат најголеми.

Ова го порача министерот за економија Крешник Бектеши на денешната видео-конференција на тема „Можностите за подобра промоција на туризмот во регионот“ што се реализираше на покана на албанскиот министер за туризам и животна средина, Бленди Клоси, а на која партиципираа министри, државни советници и претставници од туристичкиот сектор од Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

На видео-конференцијата, како што информираат од Министерството за економија, беше истакнато дека туристичката индустрија во моментов се соочува со големи тешкотии поради пандемијата од коронавирусот Ковид 19 и оти албанското Министерство за туризам веќе ги има подготвено протоколите за влез на туристи во земјата и веќе се преземени мерки за можното отварање на туристичката сезона во наредните недели. За таа цел, беше посочено, потребна е заединичка координација и размена на мислења помеѓу земјите во регионот со цел побрзо да се ревитализира оваа индустрија и како подобро да се промовира регионот и туристичките можности меѓу земјите.

Министерот Бектеши се заблагодари за поканата на министерот Клоси за заедничката видео конференција и потенцираше дека се потребни итни чекори за туристичкиот сектор кој е најпогоден во оваа здравствено-економска криза. Ги повика претставниците од туристичкиот сектор во регионот преку заеднички мерки, да ја искористат кризата како можност за продлабочување на соработката за, како што рече, да се привлечат со што е можно поголем број на туристи, не само од регионот, туку и од трети замји.

Владата на Северна Македонија усвои мерки за стимулирање на домашниот туризам преку модел на ваучери за граѓаните кои ќе ги користат во домашните туристички капацитети, но и ваучери за поттикнување на приватната потрошувачка во земјата пред се во угостителскиот сектор кој е најпогоден, посочи министерот, и кажа дека Владата и здравствените власти работат на протоколи за постепено отварање на границите пред се со соседните земји.

Треба да реагираме брзо, нагласи, да го мотивираме и промовираме регионот како една заедничка дестинација. -На тој начин може да оствариме заеднички напредок, рече Бектеши.

Министерот за туризам на Албанија, Клоси истакна дека дека во моментов за туризмот во регионот се важни три клучни работи.

Потребно е постепено отворање на границите во земјите во регионот, во согласност со препораките на здравствените власти во земјите. Покрај тоа, треба да се поттикнат туристички патувања на граѓаните од регионот да летуваат во туристичките дестинации во регионот, а неопходно е и да се зголеми промоцијата на регинот како заедничка дестинација, потенцираше Клоси.