Бектеши: Не е вистина дека угостителите не ги користат мерките, уште 8 милиони евра за поддршка


Министерот за економија Крешник Бектеши денес на прес конференција ги оцени како невистинити бројките кои вчера ги кажа претставникот на Угостителско- туристичката комора при Сојузот на стопански комори дека без работа ќе останат 15 илјади вработени поради тоа што угостителите не ги прифаќаат мерките за помош што ги понуди Владата.

„Укажувањата на угостителите дека нема да ги искористат мерките, сметам дека не се точни имајќи ги во предвид податоците од Развојната банка, каде што се дополни фондот за уште 8 милиони евра поради големиот интерес од компаниите токму од овој сектор“, рече Бектеши.

Тој рече дека лично присуствувал на состанок со стопанските комори каде што барањето за минимална плата било клучно за задржување на вработените во секторот, што е спротивно на тврдењето на Угостителско- туристичката комора при ССК дека нема да ги искористат овие мерки.

„Очекуваме и како Министерство и како Влада, од стопанските комори забелешки и укажувања како да се подобрат критериумите за добивање на субвенциите. За нас како министерство е многу важно тие да одат кај вистинските угостители. Односно, угостители кои во минатиот период пред кризата редовно ги подмирувале сите давачки кон државата“, рече Бектеши.

Тој рече дека се очекуваат податоците од Државниот завод за статистика за март за да се направат споредби по индустрии за бројот на вработени со кои како што рече, ќе се констатира дека бројката од 15 илјади отпуштени работници во угостителскиот сектор е потполно неточна.

„Мерката за затворање на угостителските објекти е воведена на 14 март, а според статистичките податоци јануари го завршивме со позитивни бројки, со зголемен број туристи за 12 отсто“, рече Бектеши.

„Имајќи во предвид дека се соочуваме со сериозен светски здравствен проблем, најмалку што очекуваме е коректен и неполитизиран пристап од бизнис заедницата“, нагласи Бектеши порачувајќи дека групациите на угостители треба преку матичните комори да предложат мерки и конструктивно да учествуваат во нивното донесување и спроведување, без да навлегуваат во паушални анализи кои не се базирани на реални бројки, и со тоа да шират неточни информации.

„Ова не е време за уцени, многу е јасно дека сите по нешто ќе изгубиме во оваа криза, работниците од платата, а угостителите од профитот. Државата исто ќе има големи загуби“, рече Бектеши. Тој додаде дека во угостителско туристичкиот сектор има над 30 илјади вработени, и рече дека дел од фирмите се обидуваат да работат на црно и се креативни во изнаоѓање решенија како да избегнат плаќање на давачки кон државата, но дека инспекциите ќе продолжат да го санкционираат таквото работење.