Димитар Бечев до Софија: Ако премногу ги затегнете врвките, ќе пукнат


Заев пристигна во Бугарија само три дена откако отворено ја обвини Бугарија за кршење на Договорот за соседство во 2017 година, а Бугарија не се обврза дека ќе ги поддржи прегоорите на Македонија и ЕУ, пишува бугарски „Дневник“.

„Можеби ова беше погрешен потег на Заев“, оценува за весникот Димитар Бечев, виш соработник во Атлантскиот совет (тинк-тенк во Вашингтон). „Но, не е јасно што ќе стори Борисов – од една страна има обврски кон Меркел, од друга страна атмосферата во Бугарија стана многу напната, доаѓаат избори. Не дека Македонија е многу важна, но процент или дел од процент може да го сврти резултатот на друга страна. Затоа и БСП вчера ја поддржа позицијата за Македонија“, оценува Бечев.

Според него, Борисов мора да ископа нешто од Заев, што ќе му овозможи да се претстави како победник, а од друга страна и Заев мора да добие нешто.

„Треба да се најде каде е пресвртната точка, некоја формула според која и волкот ќе биде сит и сите овци ќе бидат на број, како на пример формулата што ја споменува Северна Македонија според која ќе го потврди делот од договорот што гарантира одрекување од малцински побарувања или прифатлива формулација за јазикот“, предлага тој.

Од една страна, според него, „максималистичката позиција на Бугарија останува неразбрана во Европа“, каде има многу слични историски случаи – Фламанци и Холандија, Данска и Норвешка, Австрија и Германија – кои не се политизирани и не се ставени во центарот на меѓународните односи и се на ниво на академска заедница. Од друга страна, Бугарија бара максимум, што е рефлектирано во барањата за признавање на „бугарските корени“, што според него е диктирано од моментот, бидејќи историското искуство покажува дека земјите се најпопустливи пред да ги започнат преговорите со ЕУ.

„Проблемот е во тоа што дури и да има Бугарија максимално влијание во моментов, има ограничување“, порачува Бечев.

„Ако ги затегнете врвките, ќе пукнат. Го зафркавате Заев, бидејќи тој ја посвети целата своја кариера на почетокот на овие преговори. Тој е политичар што беше најнаклонет на правење компромис со Софија во последните 15 години“, вели Бечев.