БЕГ ќе ја отвори предвреме грејната сезона – од утре топли радијатори


Грејната сезона за скопјани приклучени на системот на БЕГ почнува утре, поради падот на надворешните температури, соопштија од компанијата.

Согласно правилата за снабдување со топлинска енергија, испораката на топлинска енергија на потрошувачите може да започне и пред 15. октомври, но не пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за следниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, според податоците од Управата за хидрометеролошки работи.

Од БЕГ апелираат потрошувачите кај кои има дефекти на внатрешната грејна инсталација, да ги отстранат во најкус можен рок и истото да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, а пак Заедниците на станари и Управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници во објектите, како и да обезбедат напојување на топлинската станица со електрична енергија.

БЕГ информира дека за сите неопходни информации, евентуални дефекти и проблеми со испорака на топлинска енергија од системот за централно греење со кој управува БЕГ, потрошувачите можат да се обратат до Центарот за грижа на потрошувачи.