Беџети, Трпеска и Бишев нови членови на Фискалниот совет
Собранието донесе повеќе закони и избра тројца членови на Фискалниот совет на Република Северна Македонија, на денешното продолжение на 120. пленарна седница.
За член на Фискалниот совет, по предлог на МАНУ, е избран академик Абдулменаф Беџети. Собранието, исто така, ја избра за членка на советот Марина Трпеска, редовна професорка на Економскиот факултет на УКИМ, која е предложена од Државниот завод за ревизија. По предлог на Народната банка, пак, пратениците го избраа за член на Фискалниот совет и Глигор Бишев.
Собранието денеска го изгласа и Законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на министри на Република Албанија зa меѓународен воден транспорт во Oхридското Езеро.
Донесени се и трите закони во делот на даночната политика: Законот за данок на солидарност и измени и дополнувања на законите за додадена вредност и за данок на добивка.
Собранието ги донесе и измените на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка. Исто така, се усвоени: Финансискиот извештаи на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2022 година; Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на осигурување за 2022 година и Годишен извештај на Агенцијата за супервизија на осигурување за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во 2022 година.
Потоа, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја прекина 120. седница и најави дека дополнително ќе закаже ново продолжение.