Беџети: Нема потреба „огнените“ да се двојат и да формираат партија


По предлогот на Изет Меџити, „огнените“ да расчистат со ДУИ и да формираат свое движење или партија, градоначалникот на општина Сарај, Блерим Беџети, во изјава за медиумите вели дека тие се фракција на ДУИ и се различни, но нема потреба од формирање нов политички субјект, бидејќи така ќе се расцепка албанското бирачко тело, а проблемите треба да ги решаваат внатре во партијата.

„Има разлики меѓу нас. Ние сме фракција во рамки на ДУИ и треба разликите да ги решаваме внатре во ДУИ. Не затоа што Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта се против формирање на нов политички субјект, туку затоа што нема потреба од тоа, бидејќи така се распарчува албанскиот електорат“,потенцира Беџети.

Во однос на уставните измени вели дека нема разлика со ставот на ДУИ и додава дека тоа прашање во интерес на европската интеграција на земјата треба да се затвори што поскоро.

Инаку, Меџити пред неколку дека изјави дека со последните внатрешни избори во ДУИ кои ги оцени како лажирани, се исцрпени сите можности за делување во партијата и дека на маса е и опцијата за формирање на ново политичко движење.

Градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу не негира таква можност, но додава дека досега на оваа тема не се дебатирало бидејќи тие се партиска фракција и дека за сè ќе се дискутира наскоро.