БДП во третиот квартал бележи раст од 3,6 отсто


Стапката на раст на домашниот бруто-производ (БДП) за третото тримесечје од 2019 година изнесува 3,6 проценти, објави Државниот завод за статистика.

Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во третото тримесечје од 2019 година, номинално расте за 4,6 проценти, а нејзиното учество во структурата на домашниот бруто-производ изнесува 65,6 проценти.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 8,4 проценти, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 10,9 проценти.

Премиерот Зоран Заев вели дека резултатите се под неговите очекувања и дека некои сектори потфрлиле.

– По мое мислење, очекував тој да биде 4 отсто. Се водев од индустриското производство, но и други дејности не ги дале очекуваните резилтати. Имаме просек од три квартали оваа година на раст од 3,6 отсто, а ние проектиравме дека тој на крајот од 2019 ќе биде 3,8. Верувам дека ќе го идсполниме проектираното, но само ако последното тромесечие БДП-то биде над четири проценти. Можеме да бидеме задоволни, но не до крај, рече Заев.