Барселона и Интер ремизираа во спектакуларен натпревар со шест гола во Лигата на шампионите (видео)

Барселона и Интер синоќа одиграа нерешено 3:3 во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите. Во спектакуларен натпревар на Монжуик, Интер водеше со 2:0 и 3:2, но Барселона го израмни резултатот и на крајот заврши нерешено. Финалистот ќе биде одлучен во вторник, за кога е закажан реваншот во Милано од 21:00 часот.
Интер ги шокираше домаќините по само 30 секунди кога Маркус Турам постигна гол со пета за 0:1, искористувајќи ја невнимателноста на одбраната на Барселона. Така тој го постигна најбрзиот гол во историјата на полуфиналето на Лигата на шампионите. Само дваесет минути подоцна, Дензел Дамфрис го зголеми резултатот на 0:2. Хакан Чалханоглу изведе корнер, Франческо Ачерби го доби одбиениот удар, а Дензел Дамфрис го дуплираше водството со атрактивен удар од близина.
Барселона брзо се врати во игра. Прво, младиот Ламин Јамал го намали резултатот на 1:2 со брилијантен соло пробив во 24-тата минута, додека Феран Торес го израмни резултатот на 2:2 во 38-мата минута, по убава комбинација. Рафиња асистираше за неговиот гол, но креатор на одличната можност беше Педри, кој ја пронајде со прецизно дијагонално додавање.
Интер повторно поведе по паузата. Уште еднаш, Чалханоглу центрираше, а Дамфрис го искористи фактот дека Војчех Шчесни погрешно го процени летот на топката и постигна гол со рамо за 2:3. Барселона брзо одговори и израмни само три минути подоцна. Рафиња, по комбинација по корнер, упати силен удар кон голот на Интер и ја затресе гредата, но топката потоа отскокна во грбот на Јан Сомер и заврши во голот.
Во последните минути од натпреварот, двата тима имаа шанси за победа. Голот на Хенрих Мхитарјан беше поништен за Интер поради офсајд, додека Јамал неколку пати ја воодушеви публиката со своите дриблинзи и атрактивни движења, а во 88-та минута ја погоди и гредата од исклучително тешка позиција, но не успеа да му донесе победа на домаќинот.