Барокните звуци го маѓепсаа Скопје – во Сули ан со Перцан и „Фејмс“ се славеше иднината на европската класична музика

Бесценето музичко патување од епохите на барок и романтизам какво културно Скопје заслужува


Префинета публика, синоќа, во топлото Скопје, уживаше во ретко изведувана класична програма на овие простори. Историскиот двор на Сули ан се претвори во аристократска сцена на концерт под ѕвездено небо, каде што не маѓепсаа звуците од барокот и романтизмот, со делата на Вивалди, Џеминиани, Делабако, Пучини и Рихтер ,, па сè до современи композиции со силна општествена порака и со посебен акцент на композицијата „Рекомпонираните Четири Годишни Времиња“ на Макс Рихтер, која претставува модерна реинтерпретација на делото на Вивалди инспирирана од климатските промени. Беше ноќ за паметење, со маестрална изведба, со емоции.  Ниво на уметност и талент што е едноставно неспоредливо, која публиката ја пренесе во царството на музичкиот сјај, каде што секоја нота одекнува со страст и прецизност. Во едно друго време, на друго место.

Настапи еминентниот виолинист и диригент Емилио Перцан, кој веќе настапувал на сцени како Театро Колон во Буенос Аирес, Берлинската филхармонија и Концертгебау во Амстердам, во двојна улога – како солист и диригент, заедно со европскиот оркестар на институтот „Фејмс“, составен од млади музичари од цела Европа.

– „Овој концерт е многу повеќе од изведба – тој е прослава на иднината на европската класична музика. Со тоа што младите музичари од различни земји се здружуваат, учат и настапуваат заедно во Скопје, ние градиме уметнички мостови и ја покажуваме моќта на иновацијата во музичкото образование,“ велат од тимот на „Фејмс“.

Концертот е дел од меѓународната студентска програма за оркестарска музика и студиско снимање, која се реализира во рамки на европскиот оркестарски изведувачки институт „Фејмс“– единствена ваква иницијатива во Југоисточна Европа. Институтот „Фејмс“ веќе неколку години е синоним за врвна едукација и продукција на филмска музика на европско ниво, поддржан од европски фондови. Младите музичари се бираат по пат на аудиција четири пати во годината и таленти од триесетина земји се во Скопје, заедно со млади музичари од Македонија кои се членови на оркестарот.

Л. Сабит

Фото: Институт „Фејмс“