Барокната градска куќа оди на продажба со одлука на Советот на Град Скопје


Фото: Б. Грданоски

На денешната 41 седница на Советот на Град Скопје, по предлог на градоначалникот Петре Шилегов, беше усвоена одлуката за продажба на барокната Градска куќа на кејот на реката Вардар. Продажбата ќе оди со аукција, преку системот на ЗЕЛС, соопшти Град Скопје.

– Денешнава седница ја отвораме со оваа точка затоа што во меѓувреме успеавме да го завршиме објектот што беше почнат можеби пред една декада. Објектот што е изграден од Градот, откако е дојдено новото раководство на градската администрација, во неговото завршување имаме вложено 3,2 милиони евра. Ова докажува дека ниту имало намера, ниту тенденција да не се заврши неговата изградба, изјави Шилегов.

Тој додаде дека се правени напори објектот да се стави во функција, но по сите направени анализи за капацитетот на изградениот објект е заклучено дека само три петтини од вкупниот број на вработени би можеле да се сместат во него, односно само 352 вработени. Тој посочи дека заради неговата форма внатрешноста на објектот е крајно нефункционална.

– Локацијата на градската куќа за мене е многу несреќно избрана бидејќи народски кажано таа е отпат и тргната е на страна од главната градска инфраструктура, а за да дојдете до неа имате слаба конекција со јавниот транспорт. Градската куќа треба да се наоѓа на многу посоодветна локација како што и го личи главниот град и како што е стандард секаде во светот, истакна Шилегов.

Тој изрази жалење што советниците од опозицијата ја напуштија седницата и не можеле да ја чујат неговата идеја да се формира комисија во која би членувале советници, односно да бидат вклучени сите како Совет. Таа комисија да биде задолжена за продажбата, но и за евентуалното купување на некој друг објект на многу посоодветна и подостапна локација за граѓаните на Скопје.

– Сепак, би сакал да имаме надзор од Советот во целиов процес, бидејќи сакаме тој да биде јавен и транспарентен затоа што немаме што да криеме. Продажбата ќе оди со аукција, преку системот на ЗЕЛС и ќе биде видлива за сите, рече Шилегов.