Барел нафта под 105 долари, трговците стравуваат од ширење на Ковид-19 во Кина
На лондонскиот пазар цената на барелот беше за 2,08 долари пониска од претходното затворање и изнесуваше 104,94 долари

Цените на нафтата паднаа под границата од 105 долари на меѓународните пазари во понеделникот, бидејќи стравувањата од ширење на Ковид-19 во Кина и падот на побарувачката повторно се разгореа кај трговците, надминувајќи ја ограничената понуда.
На лондонскиот пазар цената на барелот беше за 2,08 долари пониска од претходното затворање и изнесуваше 104,94 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од 2,55 долари, од 102,24 долари.
Пазарите беа потресени на почетокот на неделата од веста дека Кина го откри првиот случај на високо заразната субваријанта омикрон во Шангај и дека бројот на нови случаи на инфекција во најголемиот кинески град скокна од 52 на 63.
Откривањето на нова подваријанта и најголем број на нови инфекции во Шангај во еден ден од мај може да доведе до нова рунда на тестирање, што би влијаело врз побарувачката за гориво, пренесува Хина.
„Пазарот само реагира на вестите, а Кина привлече најголемо внимание досега“, рече аналитичарот на Комонвелт банка, Вивек Дар.
Трговците остануваат нервозни поради плановите на западните земји да ги ограничат цените на руската нафта. Рускиот претседател Владимир Путин предупредува дека новите санкции може да предизвикаат „катастрофални“ последици на глобалниот енергетски пазар.
Пазарот е растргнат меѓу стравот од можно прекинување на испораките од Русија и заканата од рецесија, велат аналитичарите на американската инвестициска банка JP Morgan.
„Сега се закануваат макро-ризици од две страни. Одмазднички удар во форма на намалување на извозот на руска нафта за три милиони барели дневно е убедлива закана и, доколку се реализира, ќе ги зголеми цените на суровата нафта на лондонскиот пазар на приближно 190 долари по барел“, соопшти банката.
„Од друга страна, во случај на значително послаб раст на побарувачката во рецесиски сценарија, цената на суровата нафта на лондонскиот пазар во просек би била околу 90 долари за барел во случај на блага рецесија и 78 долари за барел во сценарио на посериозен пад“, пресмета ЈП Морган.
Прашањето е до кога нафтата од Казахстан ќе продолжи да стигнува до Конзорциумот на Каспискиот гасовод (CPC), кој транспортира еден процент од светската нафта, откако рускиот суд во понеделникот ја укина претходната одлука за прекин на протокот на нафта на еден месец.
Поради празниците во муслиманскиот свет, ОПЕК и денеска не ја објави цената на барел од референтната нафтена кошничка на своите членки. Минатата среда изнесуваше 114,3 долари.