Бангладеш ја поттикна модната револуција: Ирина Тошева за светската кампања во пандемија

Fashion Revolution Week се случува секоја година во неделата во која е 24 април. Овој датум ја означува годишнината од рушењето на Рана Плаза комплексот на фабрики во Бангладеш во кој над 5000 работници произведуваа облека за познати модни брендови, а повеќе од 1000, главно жени, го изгубија животот. Така и започна модната револуција, која прерасна во глобално движење кое подеднакво ги вреднува луѓето, околината, креативноста и профитот, вели македонската дизајнерка Ирина Тошева која лани, како член на македонскиот огранок на светското глобално движење Fashion Revolution ја подигаше свеста меѓу потрошувачите за купување квалитетна облека која би траела подолго, наместо „fast fashion“ модни парчиња кои навидум ги купуваме евтино, а понекогаш ги употребуваме и само еднаш.
Во разговорот за „Независен“ Тошева вели дека пандемијата нè принуди да се фокусираме, овде и сега на суштинското: преживување.
-Луѓето во моментов чувствуваат вознемиреност и страв за своето здравје и работните места, не размислувајќи за последните трендови и парчиња облека. Грижата, мотивационите, интересни приказни и малите „херојства“ во моментов се клучни, наместо агресивното бомбардирање со производи по социјалните мрежи. Дизајнерите, брендовите сега треба да градат подлабоки врски со своите купувачи, врски кои ги надминуваат трансакциите, вели Тошева.
Во моментов според дизајнерката, располагаме со најголемиот луксуз- времето. Време е убаво и темелно да ги обмислиме следните проекти, да истражиме и научиме нешто ново, да земеме здив и сфатиме до каде сме и каде допрва сакаме да бидеме.
#WhoMadeMyClothes е светска кампања на Fashion Revolution секој април, каде што потрошувачите отворено ги прашуваат омилените брендови. Наизменично произлегоа и #IMadeYourClothes со која се доближуваат приказните на работниците за условите во кои тие работат и кампањата #WhatsInMyClothes и користењето на одржливи и рециклирани материјали. Сето ова помага да се постигне поголема транспарентност во модната индустрија. Потрошувачите имаат моќ да ја направат таа промена, но повеќето не размислуваат за тоа, објаснува Тошева. (Л.С.)