Балканските лидери навиваат за Трамп, но можат да живеат и со победата на Камала
Победата на Донал Трамп ќе ги зајакне нелибералните политички сили на Балканот, ќе ја поткопа регионалната безбедност и ќе му наштети на процесот на пристапување во ЕУ, сметаат германски аналитичари
Без разлика на исходот од претстојните американски претседателски избори, улогата на САД на Западниот Балкан ќе биде намалена, што значи дека регионот со нерешени конфликти и закочен интегративен процес ќе има потреба од посериозен стратегиски ангажман на Европската унија (ЕУ ) и Германија, сметаат истражувачи на влијателниот Германски совет за надворешни работи (ДГАП).
Аналитичарите на тој независен и непрофитен истражувачки центар Милан Нич и Фрауке Зебас (Сибас) изјавија дека победата на Трамп на изборите на 5 ноември ќе донесе значителен прекин со сегашната американска политика во Западен Балкан. Во случај на победа на Трамп некои балкански лидери, особено претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама, би имале поголем пристап и контакти на високо ниво во Вашингтон отколку во претходните години, сметаат Нич и Зебас.
Од друга страна, посочуваат авторите на анализата, ангажманот на Вашингтон на високо ниво би бил „многу поселективен и трансакциски, што би се искористило од нелибералните балкански лидери“.
„Ако ги задоволат деловните интереси на Трамп, тоа само ќе ја зголеми геополитичката конкуренција во регионот, на штета на ЕУ и Германија. Таквиот пристап може да биде уште поблизок до доминантниот стил и политичка култура во Белград или Тирана. Всушност, тој ќе ги зајакне нелибералните политички сили во целиот регион, ќе го зголеми влијанието на таквите сили надвор од регионот (како унгарскиот премиер Виктор Орбан), ќе ја поткопа регионалната безбедност и ќе му наштети на процесот на пристапување во ЕУ“, се вели во анализата.
Авторите на анализата наведуваат и дека Трамп ќе предизвика хаос во САД доколку повторно загуби и одбие да го признае поразот како во 2020 година, додавајќи дека тоа дополнително ќе ги ослаби демократските норми на Западен Балкан.Во случај на победа на кандидатот на Демократската партија, Камала Харис, Вашингтон ќе остане на сегашниот генерален курс, но ќе дејствува на Западен Балкан со помало внимание и ангажман на високо ниво отколку во времето на претседателот Џозеф Бајден , чиј четиригодишен мандат истекува на 20 јануари.
Нич и Зебас укажуваат дека Камала Харис, потпретседателката на САД, „добро го разбира“ мешањето на Русија во внатрешните работи на другите земји и целите на Москва и оценуваат дека тоа може да значи поддршка за сегашната политика на зголемен притисок врз руските сојузници во Западен Балкан, а „особено во Белград и Бања Лука“.
„Администрацијата на Бајден веќе воведе санкции за поединци на високи позиции, вклучувајќи го и српскиот вицепремиер Александар Вулин. Во случај на претседателски мандат на Камала Харис, Вашингтон би можел да биде помалку толерантен кон политиката на балансирање на Србија, која ги вклучува односите со Русија и Кина, и да се зголеми притисокот врз сите балкански земји да ги намалат економските врски со Пекинг“, додаваат аналитичарите на ДГАП.
Со оглед на тоа што фокусот на нејзината кампања е личната слобода и владеењето на правото, Харис како претседател може, како што се вели, да преземе повеќе усогласени активности за поддршка на граѓанското општество под нелибералните лидери, на пример во Србија, но тоа ќе зависи од ресурсите на амбасадите на САД во регионот.
Авторите наведуваат и дека неколку балкански лидери ги негувале односите со таборот на Трамп, но дека „можат да живеат“ со победата на Камала Харис, како и дека „изгледа се подобро подготвени за последиците од претседателските избори во САД отколку многу земјите-членки на ЕУ“.
Тие додаваат дека сега е „клучен момент“ за Западен Балкан, благодарение на комбинацијата на два фактори – руската агресивна војна против Украина и постепеното повлекување на САД од периферијата на Европа. Притоа укажуваат дека изборите во САД се одржуваат во време кога локалните политички елити научија како да профитираат од засиленото геополитичко ривалство меѓу западните и незападните сили.
„По ова е најпознат претседателот Вучиќ, кој ги прошири билатералните односи со Кина и Русија, а во исто време успеа да го продолжи патот на Србија кон ЕУ и покрај тоа што не се приклучи кон санкциите што Унијата ги воведе кон Москва. Вучиќ ги задржува и САД на негова страна обезбедувајќи важна воена поддршка на Украина“, се вели во текстот.
Нич и Зебас наведуваат дека Западен Балкан би можел да стане еден од отскочните камења на патот кон нов, едностран надворешнополитички стил на тимот на Трамп и дека тоа може да предизвика дополнителни негативни реакции на проширувањето на ЕУ во јавното мислење и медиумите на клучните европските земји, вклучително и Германија.
„Бидејќи тој воопшто не би бил посветен на европското единство или проширување на ЕУ, новиот тим на Трамп со задоволство би ги поттикнал внатрешните поделби во Унијата во однос на нерешените балкански конфликти, што би ги зајакнало доминантните регионални позиции на Србија и Албанија на сметка на нивните помали соседи, како што се Црна Гора и Косово, зголемувајќи ги безбедносните ризици и тензиите во регионот“, се вели во анализата.
Уште поголем ризик за безбедноста на Балканот би била ерозијата на кредибилитетот на НАТО и заканата од повлекување на американските војници од мисијата КФОР на Косово, во случај на враќање на Трамп во Белата куќа, се наведува во текстот, додавајќи дека тоа не само што ќе ги ослабне трансатлантските односи, туку и ќе ја доведе до прашање и бриселската стратегија за користење на нови средства и услови за постепена интеграција на земјите од Западен Балкан.
Дополнително, сојузот меѓу Трамп и европските нелиберални лидери како Орбан би ја отворил вратата за дополнителна консолидација на моќта на балканските лидери во нивните земји, манипулација со етно-ревизионистичките агенди во регионот и поголем геополитички транснационализам со надворешни играчи – на штета на влијанието на Германија и институциите на ЕУ, оценуваат Нич и Зебас.
Се очекува, како што наведуваат, новата администрација на Трамп да изврши поголем притисок врз балканските земји да следат поостра американска линија кон Кина. Големото прашање е како тоа би влијаело на отвореноста на Србија за зголеменото присуство на стратешките инвестиции на Кина, вклучително и нејзиното потпирање на кинеска опрема во важни сектори како што се информатичката технологија (ИТ) и телекомуникациите, се вели во текстот.
Нич и Зебас потсетуваат дека за време на првиот мандат на Трамп беше направен унилатерален пресврт во американската политика на Западен Балкан и додаваат дека тоа било во согласност со личните амбиции на некои луѓе блиски до Трамп и неговото семејство, особено Ричард Гренел.Гренел, контроверзниот поранешен американски амбасадор во Германија, успеа да биде назначен за специјален пратеник на Трамп за „мировни преговори“ меѓу Србија и Косово и олесни низа преговори меѓу двете страни со нагласување на трговските и деловните аспекти, според авторите.
Во септември 2020 година, претседателот Вучиќ и тогашниот вршител на должноста премиер на Косово, Авдулах Хоти, го потпишаа Договорот за економска нормализација на Косово и Србија, попознат како Договор од Вашингтон, но само мал дел од 16-те одредби од тој документ се целосно имплементирани до денес, посочуваат Нич и Зебас. Тие оценуваат дека ваквите „некоординирани акции“ на администрацијата на Трамп биле „повик за будење за ЕУ“ и дека и помогнале на Унијата да ја оживее својата посредничка улога во дијалогот меѓу Србија и Косово.
Гренел, кој се споменува како еден од кандидатите за позицијата државен секретар на САД во случај на победа на Трамп, продолжи јавно да ги коментира настаните на Западен Балкан, осудувајќи го пристапот на администрацијата на Бајден.
„Тој одржува редовни контакти со српскиот претседател Вучиќ, албанскиот премиер Еди Рама и новиот премиер на Северна Македонија, Христијан Мицкоски. Гренел ги користи овие контакти за да ја отвори вратата за неколку инвестициски проекти, вклучително и оние што зетот на Трамп, Џаред Кушнер сака да ги спроведе. На некои од овие состаноците присуствуваше и најстариот син на Трамп, Доналд Јуниор“, се вели во текстот.
Тројцата балкански лидери – Вучиќ, Рама и Мицкоски, можеа да негуваат пошироки лични контакти со сојузниците на Трамп, меѓу кои сега се и двајцата шефови на неговиот транзициски тим – Хауард Лутник и Линда Мекмахон, се додава во анализата.
Кога станува збор за Камала Харис, нејзиниот потенцијален пристап кон Западен Балкан е потешко да се процени. Како потпретседател на САД, таа не разви лични врски или силни позиции во Западен Балкан, додека нејзиниот јавен ангажман во тој регион е слаб, велат авторите на анализата.
„Сепак, бидејќи таа се залага за либерален интернационализам и сојузи, Харис како претседател ќе продолжи да соработува со Европејците и ќе се потпира на НАТО. Сигурно е дека би очекувала Европејците да направат повеќе за сопствената безбедност, а со тоа да го олеснат товарот на САД на Западен Балкан во време кога другите региони и конфликти се приоритет за Вашингтон“, истакнуваат Нич и Зебас.
Доколку демократите ја задржат Белата куќа, стратегијата за дипломатско балансирање на Западен Балкан би можела да продолжи, но регионот сигурно ќе добие помалку политичко внимание на највисоко ниво, се додава.
Ова може да се случи поради долгогодишниот советник за национална безбедност на Камала Харис, Филип Гордон, кој веројатно ќе се обиде да воспостави претпазлив и подалечен пристап кон регионот, со цел да се постигнат долгорочни цели и да се избегне прекумерна американска улога, вели анализата. Во принцип, администрацијата на Камала Харис би ги „делегирала“ прашањата за Западен Балкан на Стејт департментот, каде за тој регион е задолжен заменик-помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања, моментално Александар Касанов, кој ги координира активностите со главниот европските сојузници преку форматот Quinte. Касаноф му поднесува извештај на американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан, кој е вклучен во активностите на САД на Балканот од 1990-тите. Одлуката на Камала Харис нејзиниот државен секретар О’Брајан да остане на таа позиција би била важен сигнал за регионот дека сегашната политика ќе продолжи, што вклучува одржување прагматични односи со српскиот претседател Вучиќ, пишуваат авторите на анализата.
Нич и Зебас оценуваат и дека симултаната транзиција кон новата американска администрација и новата Европска комисија и дава на Германија добра можност на различни начини да испрати силен сигнал за поддршка на Западен Балкан.Меѓу начините што тие ги предлагаат се следниве: градење на европскиот столб на НАТО и зајакнување на неговите мисии во регионот, одржување на политичката аспирација за проширување на ЕУ, надградба на достигнувањата во рамките на Берлинскиот процес, создавање мост помеѓу Заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан и единствениот пазар на ЕУ, бараат нови начини и формат за поблиска координација со Велика Британија, која се обидува да ја зајакне својата улога во регионот по неодамнешното враќање на лабуристите на власт.