Балкански економски форум: Регионалната соработка создава мостови и можности за развој

Вкупниот износ на ненаплатливи побарувања на Балканот изнесува околу 1 милијарда евра. На форумот во Тирана се разговараше како да се подобри наплаќањето на побарувањата


Фото: Независен

 

(Од нашиот известувач)                                                                                                                              

ТИРАНА – Регионалната соработка, финансирањето на фирмите во контекст на новата ЕСГ агенда која предвид ги зема животната средина, општественото и корпоратиното управување, потоа перспективите на секундарниите пазари за ненаплатливите пласмани се меѓу темите за кои денеска во Тирана се дебатира на вториот Балкански економски форум. Минатата година БЕФ се одржа во Скопје.

Клучната порака е дека регионалната соработка создава мостови меѓу земјите и можности за побрз економски развој.

Фото: „Независен“

„Регионалната соработка може да е извор на раст и развој“ , порача почесниот претседател на БЕФ, Константин Александер, а претседателот Сашо Ќосев нагласи дека БЕФ израснува во регионална платформа на која се споделуваат идеи, искуства и предлози за решавање на клучните предизвици со кои се соочува регионот.

Обраќајќи се преку видео врска, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи рече дека сегашното ниво на развој на регионот во однос на европскиот просек е 35 отсто, а со Планот за раст кој беше промовиран деновиве, целта е тој процент да се удвои и во наредната декада да се достигне просекот на ЕУ.

Фото: „Независен“

За таа цел на земјите од Западен Балкан ќе им бидат ставени на располагање 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди како грантови, а другите во вид на поволни заеми.

На Балканот вкупниот износ на ненаплатливи побарувања (НПЛ) изнесува околу 1 милијарда евра, беше посочено на панелот посветен на важноста за ликвидни секундарни пазари за трансакции на НПЛ.

„Општ заклучок е дека НПЛ може да се зголемат како резултат на тековниот стрес на отпорноста на квалитетот на средствата предизвикани од макроекономските и геополитичките случувања. Поголемата разлика помеѓу заемите во фаза 2 и фаза 3 укажува на зголемен притисок врз кредитниот ризик кај банките, што вклучува известување за исправка на вредноста на заемите во иднина“, истакна Катерина Бошевска, директорка на ЕОС во Македонија и ЕОС Косово. Таа додаде дека НПЛ може да го ограничи користењето на ограничените банкарски ресурси, како што се капиталот, парите и персоналот, одземајќи ги шансите или операциите што би можеле да обезбедат повеќе профит.

 

„Интересот на инвеститорите во регионот останува, меѓутоа, дури и ако на пазарот се појават нови портфолија, може да се очекува побарувачката да апсорбира трансакции од поголеми размери по вистинската цена. Европската централна банка веќе неколку години дава предлози како да се намали стапката на нефункционалните пласмани и во тој контекст отворено се залага за развиен и стабилен секундарен пазар за продажба на нефункционални пласмани, кој треба да им овозможи на банките да ослободат простор во своите биланси за ново кредитирање и со тоа да создадат услови за финансирање на економското закрепнување“, рече Бошевска, нагласувајќи дека важен фактор кој го поддржува тргувањето на секундарниот пазар е квалитетот на податоците во секторот НПЛ.

Дејвид Ѓори, Извршен директор во Banking Reports, во извонредно интересната презентација издвои седум поенти за обезбедувањето поголема ликвидност во контекст на НПЛ: подобра инфраструктура, адекватноста на регулативата, помалку догматизам, познавање на кредитниот ризик, особено од страна на должниците, дополнителна регионална соработка, нови кредитни циклуси и успешната евроинеграција.

Новите стандарди за бизнисот кои се опфатени во акронимот ЕСГ (ESG – Environmental, Social and Governance) означува збир на квалитативни и квантитативни податоци кои го опишуваат еколошкиот статус на бизнисот, општествените карактеристики и корпоративното управување на компанијата, вклучително изложеноста, како и управувањето со ризиците, доминираа на панелите за одржливото финансирање во Западен Балкан, и за развојот на корпоративната политика како предуслов за полесна интеграција на регионот на европските пазари.

Во Македонија, една од компаниите која што веќе ги применува овие стандарди е винарската визба „Тиквеш“. Како што посочи Кастриот Арифи, од тимот кој е задолжен за спроведување на овие стандарди, станува збор повеќе за процес отколку за цел. Притоа, тој издвои неколку предизвици, како внатрешни (како да се применат ЕСГ принципите во компаниите) и финансиски (од 2028 година нема да биде можно да се обезбеди финансирање без примената на овие принципи).

Инаку, целта на Балканскиот економски форум е да се создаде одржливо влијание врз промоцијата на економскиот раст, регионалната соработка, мирот и безбедноста во балканскиот регион. Годинава во Тирана форумот собра дваесетина говорници, и над стотина учесници, меѓу кои стопанственици, банкари, експерти, универзитетски професори, претставници на меѓународни институции… Идната година Балканскиот економски форум ќе се одржи во Хрватска.

Балканскиот економски форум (БЕФ) е независен од која било национална влада, политичка партија или кој било друг интерес. Работи со инклузивен пристап кој ги почитува универзалните човекови права и го препознава потенцијалот на секој поединец активно да придонесе за постигнување опиплив економски развој за социјалната благосостојба на еден регион.