„Balkan song No.11“ : Виолинистката Пламенка Трајковска со нов сингл во чест на Илинден


Македонската виолинистка Пламенка Трајковска во чест на празникот Илинден, објави нов сингл  насловен„Balkan song No.11“ – интензивна музичка приказна која ќе биде премиерно прикажана со видео спот утре, напладне, на  2 август на нејзиниот YouTube канал.

Овој, како што се посочува, изведбен бисер, сниман со гудачки квартет, е вистински музички омаж на балканската традиција, инспириран од македонската народна песна „Билјана платно белеше“. Автор и изведувач е Пламенка Трајковска, заедно со талентираните музичарки Милена Гиевска Андоновска (виолина), Љубица Бошкоска (виола) и Александра Јаневска (виолончело).

„Balkan song No.11“ е дел од новиот албум „Балканско патување“ – музичко-истражувачки проект кој ја обединува класичната музика со богатството на мелодии и ритми од сите балкански региони, создавајќи уникатен и пленителен звук.

Синглот е сниман во студиото „Подрумот“ со звукот на Ангел Ќосев и веќе е достапен на сите големи музички платформи како Spotify, iTunes, Deezer и други, наведува уметницата Трајковска.