Балансерот во јавниот сектор да не се злоупотребува, бара Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека Балансерот за вработување во јавниот сектор не треба да се злоупотребува. Одговарајќи на новинарски прашања по попладневната прес-конференција во Владата, Ковачевски рече Балансерот е воведен од минатата влада и дека произлегува од Охридскиот договор, но дека низ годините се покажало дека кандидатите се пријавуваат со друга етничка припадност за да се вработат.
– Воведен е од страна на минатата Влада, како алатка и сето тоа произлегува од Охридскиот договор. Балансерот функционира и сега, меѓутоа бројките се сменети врз основа на новиот Попис. Прашањето на злоупотреба е прашање од етничка припадност и во одреден дел законска област, бидејќи се покажало низ минатото дека честопати се случува некој кој на пример е етнички Македонец или Албанец, да се напише како Турчин, што не е етички. Тоа не треба да се злоупотребува, рече Ковачевски.
Прашан да ја коментира изјавата на вицепремиерката Славица Грковска, премиерот рече дека веројатно и нејзиниот став е ист и дека алудира на тоа да се воведат механизми коишто нема да овозможат злоупотреби.
Вицепремиерката за политики за добро владеење Грковска во вторникот го повтори својот став дека Балансерот како алатка за правична застапеност при вработување во администрацијата веќе ја има надминато својата функција и дека треба да се размисли за нов модел и законски решенија коишто ќе го зголемат квалитетот при вработувањето.
И ЕК вчера го искритикува балансерот оценувајќи дека е пречка за вработување според способностите и дека никако да заврши трансферот на рамковните во другите институции.
„Правичната застапеност на малцинствата останува неконзистентна во јавниот сектор и кај сите категории државни службеници. Искажана е загриженост, вклучително и од Државниот завод за статистика, околу иницијативата на Министерството за информатичкото општество и администрација да го ревидираат процентот во формулата на т.н. „BalancER“. Ова е алатка за човечки ресурси која го одредува процентот на вработени од секоја етничка група. Трансферот на вработените од Министерството за политички систем и односите меѓу заедниците во различни институции не е завршен и продолжува да ги поткопува принципите на заслуги и ефективност“, стои во извештајот.