Балансерот дискриминира, се бара намалување на државната администрација

Државниот завод за статистика предупреди дека при креирањето на новиот балансер треба да се земе предвид само бројката на населението кое живее овде во Македонија


Фото: Б. Грданоски

Министерството за информатичко општество со допис побарало од сите државни институции да имаат најмалку 31,4 отсто вработени етнички Албанци, бројка која се однесува на граѓаните кои живеат во Македонија и во дијаспората. На оваа реагираат некои партии, кои бараат балансерот да се напушти, но и да се намали бројот на вработени до 30 отсто.

По последниот попис, министерот Адмирим Алити решил на државна плата да ги стави и оние кои како Албанци се попишаа дека живеат во дијаспората.

За да има поголема бројка, министерот ја зел вкупната бројка на Албанци кои живеат и во Македонија и во странство и на неа додал уште два проценти бидејќи сметал дека толкава бројка од оние кои го бојкотираа референумот биле етнички Албанци.

Владата му дозволила во државно да бидат вработени и Албанците од дијапората а побарала само бројката да ја намали за 2 отсто, па сега наместо 31,5 отсто во државните фирми од почетокот на наредната година треба да бидат вработени 29,5 отсто етнички Албанци, или секој трет вработен.

Фото: Б. Грданоски

Државниот завод за статистика предупреди дека при креирањето на новиот балансер треба да се земе предвид само бројката на населението кое живее овде во Македонија, но Владата го игнорираше ова предупредување и реши државно да ги вработува и Албанците кои живеат во странство

За опозицијата ваквиот систем на вработувања е неприфатлив.

Така, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за најавениот нов балансер со кој е најавено дека ќе се брои и дијаспората истакна дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека балансерот треба да се напушти затоа што претставува сериозно нарушување на системот на квалитет.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека балансерот треба да се напушти затоа што претставува сериозно нарушување на системот на квалитет. Напредокот треба да биде базиран на знаење и квалитет и ова е наш став и истиот нема промени од кога е донесен до ден денес. Искуството покажува дека досегашниот систем освен што создава неквалитет, истиот не е и праведен. Време е да создадеме систем за граѓаните, а не систем за неколку политички моќници затоа што администрација која со квалитет ќе им служи на граѓаните и е потребна на Македонија, а не административци кои со неквалитет ќе им служат на политичките моќници “ нагласи Митева.

И Демократскиот сојуз на Павле Трајанов ја повика Владата да го отфрли предлогот за менување на балансерот за вработување на нерезидентното население во јавната администрација според резултатите од пописот и зголемување на процентот на Албанците на 29,5 отсто.

Според нив, ова решение значи дека секој трет вработен во државната администрација во иднина треба да биде Албанец, што не одговара на процентот на Албанците кои живеат во Македонија (24,3 отсто) и битно ќе ја наруши етничката слика во државната администрација на штета на другите заедници.

Потсетуваат дека на јавноста и се познати десетици примери на изигрување на балансерот, односно изјаснување на Македонците како Албанци, Турци, Власи, Срби и различни други комбинации, само заради вработување во државната администрација. Мерит системот и квалитетот на кандидатите, а не нивната етничка или партиска припадност, треба да биде единствениот критериум за вработување во јавниот сектор.

Демократскиот сојуз истовремено ја повикува Владата да почне сериозна реформа на државната администрација и намалување од 30 отсто на бројот на прекумерно вработените по партиска или етничка линија.

ДКСК повикува балансерот да се укине

И Државната комисија за спречување на корупцијата, во неколку наврати повикува балансерот да се укине или да се утврди алатка за контрола. Тие во мај годинава утврдија дека во употребата на балансерот при вработување на административни службеници – нема утврдена постапка за проверка на веродостојноста на податоците, ниту е направена единствена база од која ќе се добиваат податоци за етничката припадност на кандидатите, и предлага во новиот Закон за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници или да се предвидува ефикасна алатка за спречување на злоупотреба на балансерот при вработување во јавниот сектор или балансерот да се укине бидејќи е претворен во алатка за злоупотреба и понижување.

Според последниот попис, одржан во септември лани, на територијата на Македонија живеат 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци.