Бала: Избори на 30 јуни, а по нив разрешување на Мета
Албанските владејачки социјалисти остануваат на ставот дека ден за одржување на локалните избори во Албанија е 30 јуни, најавувајќи дека веднаш по нивното одржување ќе следува разрешување на шефот на државата Илир Мета.
Гостувајќи во емисија на тиранската телевизија Топ чанел, координаторот на пратеничката група на Социјалистичката партија во албанското Собрание, Таулант Бала оцени дека новата уредба на Мета за одржување на локалните избори на 13 октомври, е еднаква на нула, идентично како и уредбата за одложување на изборите.
– Нула по нула е еднакво на нула. И денешната уредба е нула. Локалните избори се на 30 јуни, последната будалштина на Мета нема никаква врска со тоа што треба да прават Албанците. Мета игра срамна карневалска игра. Датумот 30 јуни е запечатен и со судска одлука. Изборниот колегиум ја поништи уредбата на Мета, изјави Бала.
Според него, барањето за разрешување на претседателот Мета „се движи кон усвојување“ и тоа се очекува да се случи во текот на оваа парламентарна сесија, што подразбра до почетокот на август кога вообичаено пратениците одат на летен одмор.
Тој вели дека Мета сериозно го прекршил Уставот и затоа е почната постапката за негово разрешување од функцијата.
– Овој претседател со овие будалштини сериозно го прекрши Уставот, како што тоа го идентификуваа 55 пратеници кои започнаа постапка за негово разрешување. По изборите на 30 јуни, Собранието ќе формира анкетна комисија која ќе ги испитува прекршувањата на Уставот што ги направи Мета и потоа Парламентот ќе го изгласа неговото разрешување, додаде Бала.
Инаку, вчера собраниската Законодавна комисија одлучи да му предложи на албанскиот Парламент да формира анкетна комисија, што според најавата на дневен ред ќе биде на парламентарната седница на 4 јули.