Баклава


ЛЕЈЛА САБИТ

Десерт, деликатес, традиција или историја.

Нема Бајрам без баклава, нема лезет баклавата кога не е Бајрам.

Жолта како злато, вреди како злато, кој пробал, сака пак, кој не пробал, ќе жали до крајот на животот.

По баклавата се распознава домаќинска куќа или вешта домаќинка, светска кујна или вешт слаткар.

Кога се вкусува, раскажува слатка приказна, кога се сука, раскажува макотрпна приказна, затоа рецептот, умешноста и сетилните доживувања немаат цена.

Како и жената, таа е кралица на кујната, мириса на путер, ве заведува со крупните очи како орев или фстк, цел живот ви се лепи како слаткиот шербет, од премногу може да ви се слоши, од премалку сте зависни, не можат да и кажат не од султан до просјак.

Има изглед, но и содржина.

Едноставна, а сепак сложена.

Посебна, а сепак различна.

Традиционална, а секогаш актуелна.

Уметност и енигма.

И Истокот и Западот и паѓаат пред нозе.

Руши полови, верски и старосни граници.

Создава пријателства.

Ве кани на гости.

Баклавата крие милион тајни како и животот и жената.

Кој ќе  ги открие ќе стане богат човек.

Дотогаш, ќе уживаме во мистеријата на баклавата, жената и на животот!

 Честит Бајрам!