Бајден разговараше со Гутереш за стратешко партнерство во борбата против пандемијата

Новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден разговараше со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, за „стратешкото партнерство“ во борбата против пандемијата на Ковид-19 и климатските промени – две прашања во кои Доналд Трамп отфрли мултилатерален пристап, соопшти тимот на Бајден.

Актуелниот претседател на САД ги нарече климатските промени „измама“, и во 2017 година ги повлече САД од глобалниот договор за борба против глобалното затоплување – кој беше официјално финализиран на почетокот на ноември оваа година – додека Бајден вети дека ќе ги врати САД во глобалниот климатски пакт договорен во Париз во 2015 година.

Трамп исто така го прекина и американското финансирање на Светската здравствена организација (СЗО) и ја повлече земјата од членството во таа организација, што треба да биде официјализирано во јуни следната година. Американскиот претседател ја обвини СЗО дека е играчка во рацете на Пекинг.

Бајден најави дека ќе ја поништи и оваа одлука на Трамп.

Гутереш и Бајден разговараа и за „одговор на хуманитарни кризи, зајакнување на одржливиот развој, одржување на мирот и решавање на безбедносните кризи, како и промовирање на демократијата и човековите права“, се вели во соопштението на тимот на Бајден.