Бајден го забрани увозот на руската нафта и гас поради војната во Украина

Соединетите Држави увезуваат околу 100.000 барели дневно од Русија, што е само околу 5% од рускиот извоз на сурова нафта


Џо Бајден за време на конференцискиот разговор со Емануел Макрон, Борис Џонсон и Олаф Шолц на 7 март

 

ВАШИНГТОН – Претседателот Џо Бајден во вторникот објави дека САД ќе го забранат целиот увоз на руска нафта, гас и јаглен со што ќе се заострат трошоците за руската економија како одмазда за нејзината инвазија на Украина, но тој призна дека тоа ќе им донесе трошоци на Американците, особено на бензинските пумпи.

 „Ние нема да бидеме дел од субвенционирањето на војната на Путин“, изјави Бајден, нарекувајќи ја новата акција „моќен удар“ против способноста на Русија да ја финансира тековната офанзива.

Тој предупреди дека Американците ќе забележат пораст на цените, велејќи: „Одбраната на слободата ќе чини“.

Бајден рече дека САД дејствуваат во тесна консултација со европските сојузници, кои се повеќе зависни од руските енергетски испораки и за кои тој призна дека можеби нема да можат да се приклучат веднаш. Најавата го означи последниот обид на Бајден да ја отсече Русија од поголемиот дел од глобалната економија и да се осигура дека инвазијата во Украина е стратешка загуба на претседателот Владимир Путин, дури и ако успее да заземе територија.

„Украина никогаш нема да биде победа за Путин“, рече Бајден.

Европската унија оваа недела ќе се обврзе да го укине своето потпирање од Русија за енергетските потреби што е можно поскоро, но пополнувањето на празнината без осакатување на економиите на ЕУ веројатно ќе потрае некое време. Природниот гас од Русија сочинува една третина од потрошувачката на фосилни горива во Европа. САД не увезуваат руски природен гас.

Цените на бензинот растат со недели поради конфликтот и во очекување на потенцијални санкции за рускиот енергетски сектор. Американскиот национален просек порасна за 45 центи за галон (3,78 литри) во изминатата недела и надмина 4,06 долари во понеделникот.

Соединетите Држави генерално увезуваат околу 100.000 барели дневно од Русија, што е само околу 5% од рускиот извоз на сурова нафта. Минатата година, околу 8% од американскиот увоз на нафта и нафтени деривати дојде од Русија.

Дури и пред забраната на САД, многу западни енергетски компании, вклучувајќи ги „Ексон мобил“ и БП, одлучија да ги прекинат врските со Русија и да го ограничат увозот. „Шел“, која купи пратка руска нафта викендов, се извини за потегот во вторникот поради меѓународните критики и вети дека ќе го запре натамошното купување на руски енергетски резерви. Прелиминарните податоци од Министерството за енергетика на САД покажуваат дека увозот на руска сурова нафта падна на нула во последната недела во февруари.

Веста за одлуката на Бајден во вторникот прв ја објави Блумберг.

Пред инвазијата, руската нафта и гас сочинуваа повеќе од една третина од државните приходи. Глобалните цени на енергијата се зголемија по инвазијата и продолжија да растат и покрај координираното ослободување на стратешките резерви, што го прави рускиот извоз уште попрофитабилен.

Како последица на руската инвазија на Украина, САД и меѓународните партнери ги санкционираа најголемите банки во Русија, нејзината централна банка и Министерството за финансии и блокираа одредени финансиски институции од системот за пораки Свифт за меѓународни плаќања.

Но, правилата издадени од Министерството за финансии дозволуваат руските енергетски трансакции да продолжат да се одвиваат преку несанкционирани банки кои не се со седиште во САД, во обид да се минимизираат какви било нарушувања на глобалните енергетски пазари.

Ограничувањето на најголемиот светски извозник на природен гас и вториот по големина извозник на нафта, по Саудиска Арабија, може да му наштети на единството за кое американските власти велат дека е клучно за соочување со Путин. (АП)