Бајден ја освои и Аризона, четврта држава што ја презеде од Трамп
Џо Бајден победи и во Аризона, според „Едисон рисрч“, свртувајќи ја на своја страна и четвртата држава што Трамп ја освои во 2016 година и додаде уште гласови во предвидената победа на демократите во изборниот колеџ. Проекцијата се случи повеќе од една недела по затворањето на избирачките места на 3 ноември. Трамп ја освои Аризона, која има 11 електорски гласа, со три и пол поени во 2016 година.
Разликата меѓу Бајден и Трамп изнесува 11.434 гласа, но бидејќи за пребројување останаа само уште 20-ина илјади гласови „Едисон рисрч“ го прогласи демократот за победник зашто претседателот не може да ја надокнади разликата. Во проценти, Бајден е пред Трамп за 0,3 отсто.
Пред Бајден, Аризона имаше избрано демократ за претседател само еднаш од 1948 година, гласајќи за Бил Клинтон во 1996 година.
Приливот на латино и помлади гласачи ја смени демографската структура во државата, претворајќи ја некогаш сигурната црвената држава во бојно поле. Латино-активисти на теренот работеа неуморно со години на промена на политиката на државата.
Во претседателската трка допрва треба да биде прогласен победник во Северна Каролина и Џорџија, каде државниот секретар рече дека ќе има рачно пребројување на гласачките ливчиња.