Бајден е принуден да бара информации по спореден пат


САД – Одбивањето на актуелниот американски претседател Доналд Трамп да соработува со новоизбраниот шеф на државата, го принуди Џо Бајден да побара необични споредни решенија за да се подготви за преземање на власта во јануари, кога ќе се соочи со уште поголема опасност за јавното здравје и предизвиците на националната безбедност.

Откако му бил одбиен пристапот за официјален брифинг на разузнавачките служби, кој традиционално им се овозможува на новоизбраните претседатели, Бајден вчера одржал виртуелен состанок со разузнавачки, безбедносни и дипломатски експерти. Ниту еден од нив моментно не работи за Владата, поради што останува отворено прашањето дали Бајден е запознат со актуелните информации за опасностите со кои се соочува земјата.

Идната потпретседателка на САД, Камала Харис присуствувала вчера на малку поформален брифинг како членка на Разузнавачкиот одбор на Сенатот, но и покрај тоа добила ограничени информации во врска со заканите кон земјата кои Бајден ќе ги наследи.

Во екот на најлошата пандемија во изминатите 100 години, администрацијата на Доналд Трамп спречува соработка на Бајден со Кризниот штаб, поради што претставници на новоизбраниот претседател планираат да се сретнат со фармацевтските компании во текот на оваа недела.