Бабовски: Не е „во мода“ да имате миленик, туку да имате здравствено-заштитен, вакциниран миленик
Вакцинирајте ги своите миленици. На глобално ниво, секои девет минути некој умира од беснило или годишно, битката со оваа болест ја губат 70.000 луѓе. Не е „во мода“ само да имате миленик, туку да имате здравствено-заштитен, вакциниран миленик, порача денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски на трибината по повод 28 Септември, Светскиот ден на борба против беснило.
Под мотото „Нула смртни случаи од беснило до 2030 година“ АХВ и годинава се вклучи во глобалната кампања за одбележување на 28 Септември.
Беснилото, како што потенцира Бабовски, е исклучително опасна болест и за животните и за луѓето, но во земјава ја нема од 2012 година. Сепак, координираните активности за следење на состојбата продолжуваат и се спроведуваат во континуитет.
-Ги следиме современите светски текови на ова поле. Нашите закони од областа на здравствената заштита на животните и на здравјето на граѓаните се усогласени со европската легислатива. Со одржувањето на денешната трибина, во услови кога светот втора година е исправен пред предизвиот за справување со КОВИД-пандемијата, сакаме да упатиме јасна порака – дека со преземање координирани активности, беснилото како сериозна, оппасна болест и за луѓето и за животните, можеме да го држиме под контрола, истакна директорот на АХВ.
Тој потсети дека е во тек кампањата „Стоп за беснилото“, која почна пред два месеца и чие мото е „Беснилото завршува овде, со тебе“.
Последниот евидентиран случај на беснило кај луѓе во земјава бил во 1976 година, а последниот случај на заболено домашно милениче, мачка, е регистриран во 2012 година во Радовишко. Кај дивите животни, последниот случај е забележан исто така во 2012 година, кај волк, во околината на Кочани.
Според Бабовски, од тогаш до денес нема ниту еден нов регистриран случај на беснило, но би можел да се појави ако не се спроведува пасивен надзор, ако не се врши редовно вакцинирање на милениците и доколку не се реализира тековно кампањата за пролетно и есенско орално вакцинирање на лисиците.
-АХВ од 2009 година со финансиска поддршка на ЕУ спроведува кампања за орална вакцинација кај лисиците кои се всушност резрвоар на висруот на беснило. Кампањата се спроведува двапати годишно, наесен и напролет. Годинава ќе се реализира во втората половина на октомври, рече директорот на Агенцијата.
Податоците на АХВ велат дека во земјава се чипирани 100.558 домашни миленици од кои најголемиот процент се кучиња, а преку 60 отсто од чипираните миленици се редовно вакцинирани секоја година.
Проблем се, како што објасни Бабовски, овчарските и ловечките кучиња во руралните средини кои најчесто не се вакцинирани поради недоволна информираност или едукација на сопствениците.
На денешнбата трибина по повод 28 Септември, Светскиот ден на борба против беснило, учествуваат експерти од АХВ, Ветеринарната комора и Институтот за јавно здравје, согласно концептот и пристапот „едно здравје“ кој подразбира заедничка и координарана активност на сите релевантни страни.