Азиските берзи го следат растот на Вол Стрит


Цените на акциите на азиските пазари денеска се зголемија, како што вчера се случи на Вол Стрит, но обемот на тргување е слаб бидејќи на неколку поголеми пазари не се работи поради празници.

Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, околу 6:30 часот беше во плус 0,6 проценти, откако вчера падна повеќе од два проценти. Цените на акциите во Австралија се зголемија за повеќе од еден процент, а во Хонг Конг околу 0,6 проценти.

Во Јапонија, Јужна Кореја и Кина денеска не се работи поради празници.

Азиските инвеститори ги охрабри вчерашниот раст на Вол Стрит, кој најмногу се должи на зголемувањето на цените на акциите на технолошките гиганти како „Мајкрософт“, „Епл“ и „Амазон“, како и зголемувањето на цената на нафтата.

Цените на црното злато утрово продолжија да растат шести ден по ред, па на лондонскиот пазар барелот поскапи за 4,3 проценти на 28,40 долари, а на американскиот пазар за 1,4 проценти на 21,80 долари.

Порастот на цените на нафтата се должи на надежта на инвеститорите дека со постепеното придвижување на економиите во светот, ќе зајакне и побарувачката за „црното злато“. Покрај тоа, стапи во сила и договорот на ОПЕК и нејзините сојузници, предводени од Русија, за понатамошно намалување на производството, што треба да ја намали разликата помеѓу преголемата понуда и намалената побарувачка.

Тензиите меѓу САД и Кина поради обвинувањата на Вашингтон дека Пекинг малку направил за да се спречи ширењето на коронавирусот кои вчера ги зафатија светските берзи, утрово се во втор план.

Поддршка на пазарот даваат најавите од голем број на земји дека наскоро ќе ги олеснат ограничувањата воведени за да се спречи коронавирусот, што ќе ја заживее економската активност.

Во исто време на девизните пазари, доларот во однос на кошницата валути зајакна веќе втор ден по ред. Неговиот индекс, кој го следи движењето на американската во однос на шест најважни светски валути, се движи околу 99,39 поени, додека вчера во ова време беше 99,28 поени.

Курсот на американската во однос на јапонската валута се лизна од вчерашните 106,75 на 106,55 јени. Но, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото се падна на 1,0900 американски долари, додека вчера во ова време беше 1,0950 долари.