Азески: За приоритетите од Комората има дискусии и владина согласност, но затајува имплементацијата
Клучните прашања за подобрување на бизнис климата Азески ги гледа во неколку конкретни точки. Приоритети се борбата против непријавената работа и корупцијата, итна дигитализација на јавната администрација и реформа на парафискалните давачки
Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, клучните прашања за подобрување на бизнис-климата ги гледа во осум точки и вели дека комората има подготвени приоритети, за нив има дискусии и владина согласност, но затајува имплементацијата. Тој во интервју за Пословсни дневник зборува и за економските последици од војната во Украина, за бизнис климата во земјата, стратегијата за забрзан економски развој…
Во врска со последиците од Украинската криза, Азески вели дека има три канали преку кои се пренесува кризата: цената на енергенсите, храната и чиповите, преку последиците врз европската економија поради судирот Русија -Украина и од трговската размена на Македонија со Русија и Украина.
„Фактот што клучните производи како природен гас, нафта и пченица доаѓаат од Русија и Украина, е само потврда за веќе зголемените цени за широка потрошувачка, без разлика дали трговската размена е директно помеѓу Македонија и овие две земји или преку канали на ЕУ. Уште повеќе загрижува фактот дека индиректните ефекти преку влијанието на конфликтот врз економијата на ЕУ имаат потенцијал да го намалат извозот и инвестициите (кон и од ЕУ), да ги намалат дознаките на нашите иселеници во ЕУ, а со тоа и расположливиот доход на домаќинствата во Македонија и личната потрошувачка. Високиот пораст на цените ја поткопува куповната моќ на населението во ЕУ, што ќе се рефлектира во помала побарувачка за наши производи и услуги. Од стопанството најзасегнати се градежната индустрија, автомобилската индустрија, која произведува автомобилски компоненти, металургијата“, вели Азески.
На прашањето какво решение сугерира за справување со последиците од кризата, Азески вели дека се потребни мерки за решавање на одредени проблеми за одржување на ликвидноста на приватниот сектор, прво преку дефинирање модел на поддршка за потрошената електрична енергија. Потоа преку прилагодување на концептот на јавните набавки; административни постапки за градежни дозволи за поставување фотоволтаици за сопствено производство се многу долги, што оневозможува на краток период обезбедување поевтина струја, како и да запре носењето Закони по брза постапка која го усложнува бизнис амбиентот на компаниите.
„Фискалната политика мора да е заснована на начелото на претпазливост и штедење, за да се создаде поголем простор за интервенција на страната на понудата. СКСМ бара до крајот на годината да не се менува даночната политика, навремено да се враќа ДДВ-то и навремено да се сервисираат обврските на јавниот сектор кон приватниот“, вели Азески.
Во интервјуто тој се осврнува и на проблемот со недоволен број квалификуван и стручен кадар како последица на долгогодишната неусогласеност на вештините и компетенциите кои се нудат од образовниот систем.
„Извештајот на ЕК потврдува дека 80% од невработените се долгорочно невработени поради недостаток на вештини, а анализите на СКСМ покажуваат дека 65% од компаниите се соочуваат со недостаток на стручен кадар“, вели тој, додавајќи дека комората пред шест години почна конкретни активности за воведување дуалното образование како најефикасен процес за подготовка на соодветен стручен кадар.
На прашањето дали функционира пазарната економија во Македонија, Азески вели дека ако се следат фактите за георграфската и геостратешката местоположба, но и бројките од меѓународни финансиски и аналитички центри, констатацијата е дека земјата има политики кои ја рангираат како поволна бизнис дестинација со функционална пазарна економија.
„Сепак, овие политики не дадоа целосна структурна трансформација. Затоа итно се потребни реформи за да се олесни движењето на ресурсите до најпродуктивните можности и да се заврши структурната трансформација на Македонија. Иако успехот на земјата во привлекувањето странски директни инвестиции ориентирани кон извоз ѝ овозможи да се интегрира во некои глобални синџири на вредности, таа не беше во можност ефикасно да ја искористи својата стратешка локација“, вели тој.
Азески посочува дека забрзувањето на структурната трансформација и промовирањето на усвојувањето на технологијата и иновациите ќе стануваат сè поклучни додека Северна Македонија дејствува за да избега од замката со среден приход и да постигне статус со високи приходи. Клучните прашања се слабостите во трговската и транспортната поврзаност и интеграцијата на синџирот на вредност, како и недостатоците во политиката на конкуренција и инвестиции, деловната регулатива, капацитетите на фирмите, пристапот до финансии и дигиталната поврзаност, а сето тоа се надополнува со недостигот на вештини за работна сила.
Во врска со стратегијата за забрзан економски развој и односот држава – комора – бизнис, Азески вели дека комората ги има дефинирано приоритетите на бизнисот на краток и подолг рок и има зацртано и дека мора да успее да го промени односот на државната администрација кон компаниите, чувствувајќи ги како партнери, на кои мора да им се помогне, да се едуцираат и надградуваат, а не како досега да се „чекаат на кривина“ и да се казнуваат.
„За поддршка на македонското стопанство за подигнување на продуктивноста и конкурентноста на македонските компании, ние поддржуваме континуиран дијалог меѓу дизајнерите на економските политики и бизнис-секторот“, вели Азески.
Во однос на клучните приоритетите на комората од кои зависи бизнис-амбиентот во Македонија, Азески посочува дека комората има подготвени приоритети, за нив има дискусии со владини институции, има согласност за реализација, но затајува имплементацијата.
„Тие се: Борба со сивата економија и со корупцијата со мерки за унапредување на работењето на Управата за јавни приходи; Интегрирана, целосна и итна дигитализација на процесите на државните служби; Реформирање на системот на парафискалните давачки и сузбивање на сивата економија во електронската трговија; Брза гасификација со изградбата на национален гасоводен систем, поврзување со регионалните гасоводни системи и изградба на дистрибутивните системи за природен гас за стопанството како краен потрошувач; Директна поддршка на извозните компании и финансиската поддршка на инвестициите и создавање услови да се неутрализираат опасностите од селење на домашниот капитал во странство заради користење помош која ја нудат земјите од соседството; и Брзи процедури за издавање на градежните дозволи за инвестициите од бизнисот, ако сакаме инвестиции во економска криза“, вели Азески во интервју за Пословни дневник.