Азески им додели награда – голема плакета на Вучиќ, Рама, Заев и Ковачевски

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, им додели големи плакети на премиерите на Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, претседателот на Србија, Александар Вуќиќ и на поранешниот македонски премиер Зоран Заев за придонесот на регионалната интеграција.
Како што соопштија од комората, станува збор за признание – награда што се доделува за прв пат, за личности кои најмногу допринеле за регионална бизнис интеграција, изразувајќи на тој начин длабока почит кон креирањето на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.
„Досега имало повеќе иницијативи за натамошен регионален развој на овие простори, но завршиле неуспешно. Сите тие се надворешни иницијативи. Отворен Балкан е концепт кој е подржан токму од внатре, од политичките лидери во земјите кои се дел од процесот, но уште повеќе од компаниите кои имаат нужна потреба за поблиска соработка, поврзување, заеднички настап на трети пазари, како интра-регионален процес од кој економски бенефит ќе има целиот регион“, вели претседателот на Стопанскта комора, Бранко Азески.
Искрените заложби на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ, премиерот на Република Албанија Еди Рама, поранешниот премиер на Република Северна Македонија со мандат 2017 – 2021 година Зоран Заев, актуелниот премиер на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски кој ги продолжи заложбите за натамошно развивање и креирање на Иницијативата за единствен пазар преку создавање економска зона која дополнително ќе ги подобри политичките и економските односи и ќе ги зајакне врските меѓу народите и бизнисите, е препознаена и наградена од Стопанската комора и заслужува највисока почит, се вели во образложението за наградата.
Наградата се доделува за особен придонес кон креирањето и продолжувањето на регионалната иницијатива насловена како „Отворен Балкан“, која има за цел да го промовира и да го развива капацитетот на регионот, преку имплементирање на четирите слободи (слобода за движење на луѓето, стоките, услугите и капиталот).
Наградата опфаќа Голема плакета во чест на одбележување на 100 години од формирањето на Стопанската комора.