Автокоманда добива зонско паркирање

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, вчера извести дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда, со што и официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање. Според Стефковски, ваквото решение жителите на Автокоманда го очекуваат повеќе од една деценија. Тој информираше дека во моментов интензивно се работи на изработка на проектот за обележување на улиците и поставување на потребната сигнализација, а активностите на терен ќе започнат во најкус можен рок.
Општина Гази Баба претходно спроведе теренска анкета со посета на сите домаќинства во Автокоманда. Притоа, мнозинството од домаќинствата дале поддршка на пакетот понуден на граѓаните за воведување зонско паркирање. Жителите на Автокоманда ќе може бесплатно да паркираат по две возила на секое домаќинство, додека останатите ќе треба да плаќаат по 25 денари за час. Се очекува да биде имплементирана и гостинска паркинг-карта која ќе чини 10 денари од час, како и месечна карта за службено возило која ќе се наплаќа 300 денари
Проблемот со паркирањето во Автокоманда конечно ќе се реши, бидејќи ќе се воведе зонско паркирање. Тамошните жители реагираа на тоа што улиците беа зафатени со паркирани возила и од едната и од другата страна, со што се создаваше сообраќаен хаос. Тие и по спроведената анкета од страна на Општина Гази Баба, како што беше кажано позитивно се изјасниле за воведување на зонското паркирање.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски вчера извести дека е донесено Решение за утврдување на режим на сообраќај во Автокоманда, со што и официјално се одобрува воведувањето на зонско паркирање.
Тој нагласи дека она што е од особена важност е тоа што секое домаќинство ќе добие две бесплатни картички за паркирање, со што се обезбедува правична распределба и приоритет за жителите.
-Ова не е изолиран чекор, туку дел од поширока и стратешка политика која ја водиме со јасна цел – системско решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, со фокус на: урбанистички и сообраќајни решенија, подобрување на инфраструктурата, поголема безбедност и ред во јавниот простор, како и активна комуникација со жителите. Преку теренски посети, средби со месните заедници и континуирано следење на реалните потреби, изготвуваме конкретни решенија, како што е и ова со зонското паркирање – решение кое директно ќе влијае на квалитетот на животот во Автокоманда – изјави Стефковски.
Градоначалникот Стефковски уште во февруари 2023 година, во Културниот дом „Димитар Влахов“ во Автокоманда одржа јавна презентација на сообраќајната студија за режим на сообраќај во Автокоманда, како и на предлогот за воведување на зонското паркирање.
Инаку, како што беше тогаш кажано, жителите на Автокоманда ќе може бесплатно да паркираат по две возила на секое домаќинство, додека останатите ќе треба да плаќаат по 25 денари за час. Се очекува да биде имплементирана и гостинска паркинг-карта која ќе чини 10 денари од час, како и месечна карта за службено возило која ќе се наплаќа 300 денари.
И в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, на почетокот на јули, годинава најави дека до крајот на септември ќе започне наплата на паркингот и во Реонски центар и во Ново Лисиче, досега единствените зони во Аеродром каде паркирањето сè уште беше бесплатно, но тоа се уште не се случи.
Митески тогаш информираше дека откако ќе се добие зелено светло од надлежните институции, ќе следи бележење на паркинг местата и поставување на информативни табли. Воведувањето на наплатата ќе биде истовремено во двете населби, како што и побарале жителите со цел да се избегне „миграција“ на возила од едно кон другото место.
И граѓаните во Реонски центар и во Ново Лисиче се жалат дека паркирањето е речиси невозможно. Според нив, на паркинзите пред зградите секојдневно паркираат автобуси, комбиња и возила од други општини, каде зонското паркирање веќе функционира и се наплаќа, што дополнително им го отежнува животот.