Австријците испраќаат нови одморени пожарникари во Македонија


Од смената на австриските пожарникари на аеродромот во Виена

Австрија очигледно има цели армии пожарникари за справување на пожарите не само дома туку и да помогнат во странство онаму каде што треба – во конкретниот случај, во Македонија

Како што објави Дојче веле, во Македонија пристигнаа свежи 114 пожарникари од Австрија кои ќе направаат своевидна хокеарска замена на они 96 кои деновиве ги гасеа огнените стихии во источниот дел на земјата. На Фејсбук страницата на Противпожарната служба на Долна Австрија беа споделени информации и фотографии од примопредавањето на должноста на пожарникарите.

Брзата замена на пожарникарите кои беа во неколкудневна исцрпувачка борба со пожарите во Малешевијата ја овозможиле првите луѓе на аеродромот во Виена и на австриската национална авиокомпанија („Остриан ерлајнс“), кои ги пренеле пожарникарите од и до Скопје со авион „ербас“.

„Во итни случаи брзата поддршка е многу важна. За доброволните противпожарни бригади на Долна Австрија, ова е една од најголемите прекугранични операции против катастрофи и ние сме среќни што го даваме својот придонес”, изјави директорот на аеродромот во Виена, Гинтер Офнер.

Првата група австриски пожарникари во С. Македонија пристигна во петокот, а според информациите од теренот, нивната помош била непроценлива во битката со пожарите, како и онаа на пожарникарите од Словенија. Тие се сместени на стадионот во Пехчево со целата опрема која ја донесоа со себе.

Во регионот на Долна Австрија, околу 1.700 пожарникари – доброволци ја обезбедуваат безбедноста на околу два милиони жители. Во регионот на Долна Австрија нема ниту еден професионален пожарникар, а целата служба функционира врз основа на доброволен и волонтерски ангажман.