Австрија, Словенија, Германија и Италија бараат преговори со ЕУ со квалификувано мнозинство


Само неколку дена откако иницијативата на првиот човек на Европскиот совет Антонио Кошта за укинување на едногласноста при одлучувањето, која ја поднесе најмногу околу пристапниот процес за Украина, беше отфрлена, нова иницијатива доаѓа од Австрија и Словенија, заедно со Германија и Италија. Австриската сојузна министерка за европски прашања Клаудија Плаколм рече дека на Европската унија е се потребни иновативни решенија кои ќе ги решат билатералните блокади меѓу земјите.

„Имам новина за вас од Австрија. Австрија ќе се заложи за квалификувано мнозинство за влегување на нови земји во Европската унија со цел да се намали бирократијата. Тоа во практика значи дека да биде неопходен секој технички меѓучекор за секоја земја кандидат, значи нема да мора да се гласа едногласно. На тој начин процесот на пристапување кон Европската унија, за процесот на пристапување ќе биде неопходна едногласност, меѓутоа ќе се намалат билатералните напнати односи“, изјави Плаколм.

Државната секретарка за европски прашања на Словенија Нева Грашич рече дека оваа инцијатива е веќе доставена во Европската комисија.

„Ја поддржуваме иницијативата заедно со Германија, Италија и Австрија со писмо до комесарката Кос навистина да се усоврши процесот на методологија. Ние дадовме политичка поддршка, како политичка поддршка од 16 земји членки, секако и други се добредојдени да се приклучат, многу други го разгледуваат ова и би рекла дека е ова отворено политичка иницијатива која сега е во Европската комисија“, вели Грашич.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани се согласува дека треба да има промени во процесот на пристапувањето во Европската унија.

„Методологијата на проширување треба да претрпи одредени промени, бидејќи тоа сме го почувствувале на наша кожа. Меѓутоа гледаме дека за жал тоа веќе станува пракса и не му штети само на интересот на земјите кандидати туку и на стратешкиот интерес на Европската унија особено поради фактот што го отежнува пристапувањето и остава простор за условно речено злоупотреби за билатерални интереси во процесот на пристапувањето“, вели Муртезани.

Идната среда во земјава пристигнува шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која, неофицијално треба да се сретне со целиот државен врв. Оваа посета доаѓа откако премиерот Христијан Мицкоски најави дека на почетокот на идната година ќе има поместување во европскиот процес на земјава.