Австрија се подготвува за целосно „затворање“
Австрија– Во Австрија се воведуваат построги мерки за т.н. „локдаун“, кои вклучуваат затворање на малопродажбата и натамошни ограничувања на социјалните контакти, објавија денеска австриските медиуми, пренесувајјќи дека во претходните 24 часа бил постигнат нов рекорд од 9.586 новоинфицирани со коронавирусот.
„Премиерот и вицепремиерот Себастијан Курц и Вернер Коглер, министерот за внатрешни работи Карл Нехамер и министерот за здравство Рудолф Аншобер ќе им се обратат на граѓаните в сабота за да ги информираат за новите мерки“, објави весникот „Обероестерајхише Нахрихтен“ од Линц.
Како што понатаму пишува весникот, комисијата за следење на мерките и развојот на пандемијата препорачала премин кон т.н. „тврдо заклучување“, што вклучува затворање на малопродажни објекти што не се клучни за основното снабдување на граѓаните, како и услужните објекти.
За време на воведувањето на сегашните мерки за затворање, кои стапија во сила на 3 ноември, владата најави дека по десет дена повторно ќе ја процени епидемиолошката состојба, согласно која ќе се донесе одлука за нови мерки.
Министерот за здравство Аншобер вчера го критикуваше однесувањето на австриските граѓани во продавниците. Досегашните мерки, кои вклучуваа затворање на ресторани и забрана за организирањенастани, не ги дадоа очекуваните резултати. Забраната во услужните дејности најверојатно ќе важи за козметички салони, салони за масажа и слично, но се уште не е познато дали ќе важи и за фризерски салони. Забраната за трговија првенствено ќе се однесува на големите трговски центри.
Во моментов во Австрија е во сила полициски час – од 20 до 6 часот наутро.