Австриецот Шварц светски првак во алпска комбинација
Италија– Австриецот Марко Шварц ја освои денеска титулата во алпска комбинација на Светското првенство во скијање што се одржува во италијанскиот зимски центар Кортина д “Ампецо.
Шварц (25) до својата прва светска титула во кариерата стигна со најдобро возење во слалом, дисциплината во која е доминантен во Светскиот куп.
-Супервелеслаломот беше многу интересен и заврши подобро отколку што се надевав, додека на замрзнатата патека во слаломот одлучуваа стотинки меѓу мене и Алексис, изјави Шварц по триумфот.
Со само четири стотинки заостанување, сребрениот медал му припадна на Французинот Алексис Пинтуро, додека бронзата ја освои Швајцарецот Лиок Меилард, со една секунда и 12 стотинки зад Шварц.
Пинтуро по второто место во супервелеслаломот беше на најдобар пат да го одбрани златото во алпска комбинација, но, сепак, беше недоволно брз во слаломската трка и на крајот мораше да се задоволи со сребрениот и негов вкупно петти медал на светските првенства.