АВМУ ја избриша Левица од политичкото рекламирање – ќе ја има само на Собраниски канал


АВМУ денес испрати  Нацрт упатство за радиодифузерите за тоа колку време можат да потрошат на политичко рекламирање – платено и неплатено. Она што е шокантно дека во упатството никаде ја нема Левица, партија со шест пратеници во Собранието, бидејќи по 4 минути добиваат двете најголеми владеечки коалиции (ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ) и двете најголеми опозициски коалиции (СДСМ и ДУИ), една минута добиваат партиите што освоиле места, но недоволно да формираат пратеничка група (при што  тука ја нема Левица), а 30 секунди – тие што воопшто немаат пратеник.  Левица, според упатството ја нема и на вестите на МРТВ, но затоа добива бесплатен термин со сите партии на Собранискиот канал. Пари нема да видат и независните, според упатството, но тие барем ќе можат да се појават на вестите на МРТВ. 

На ваквата одлука, која практично им ускратува сретства за платено политичко рекламирање и ги става во нефер позиција, предупреди уште вчера лидерот на партијата Димитар Апасиев. Тој обвини дека владата во соработка со АВМУ подготвува „финален удар“ против партијата во пресрет на изборите. Според него, преку контроверзно толкување на Изборниот законик и ново упатство за рекламирање, Левица ќе биде оштетена за речиси 400.000 евра и ќе ѝ се оневозможи пристап до национални медиуми. Апасиев најави тужби и побара Уставниот суд итно да реагира со времена мерка.

Ова е втора скандалозна и антидемократска одлука во врска со локалните избори, по обидот да се стави сопка на независните, што не успеја. Дилемата е – што е следното, дали ќе ги укинат изборите? 

-Гледајќи го порастот на анкетите, и не можејќи да смислат соодветен противотеов – сакаат илегално, преку “креативно толкување” на Изборниот законик, со Упатство за рекламирање, да ја оштетат Левица за приближно 350.000 до 400.000 ЕУР. Со ова не само што ќе ни ги ускратат парите за платено политичко рекламирање, кои по закон ни следуваат, туку и ефективно ќе ни забранат пристап до портали и национални телевизии и медиуми (дури и кога би сакале самите да си платиме)!

За ова ќе следуваат низа тужби и кривични пријави против членовите на Советот на АВМУ, но јавно го повикуваме Уставниот суд со ВРЕМЕНА МЕРКА донесена по службена должност да ја суспендира примената на ова драконско и контроверзно упатство, како смислен недемократски удар врз парламентаризмот и плурализмот, кои се уставна категорија.

Колку за илустрација – на пример, на Моника Зајкова од ЛДП (со 1 пратеник) би и следувале околу 300.000 ЕУР за реклами на ТВ, а на Левица (со 6 пратеника) – би и следувале 0 ЕУР + банирање на било која телевизија!- реагираше Апасиев.