Авиони на грчкото воено воздухопловство исфрлиле 8,5 тони храна во Газа


Атина – Два авиони на грчкото воено воздухопловство утрово исфрлија 8,5 тони основни прехранбени производи во региони на Газа, информираше на Фејсбук, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Акцијата била организирана во соработка со земји од Европската Унија и Блискиот Исток, со цел да се поддржат основните потреби на луѓето во Газа.

-Грција ќе продолжи да презема иницијативи за итен прекин на непријателствата, ослободување на заложниците и непречен проток на хуманитарна помош кон Газа. Должност на сите нас е веднаш да запре човечкото страдање, напиша Мицотакис на Фејсбук.