„Авицена женска трка“ на бул. „Илинден“ во Скопје

Сојузот на спортови на Скопје, под покровителство на Град Скопје, денеска ќе ја организира 13. „Авицена женска трка“, која од 9 до 11 часот ќе се одржи на булевар „Илинден“ во Скопје.
-Стартот на кружната трка во должина од три километри ќе биде во 10 часот од бул. „Илинден“, во близина на фонтана „Лотос“. Пред самиот почеток, во 9:40 часот, предвидено е и загревање со аеробик вежби. Досега се пријавени приближно 3000 учеснички во трката, а има вкупно девет старосни категории, соопшти организаторот на трката.
По истрчаните три километри ќе бидат прогласени најдобрите учеснички, по што ќе следува доделување подароци на добитничките, обезбедени од партнерите на трката. За времетраењето на трката, од 9 до 11 часот, ќе има посебен сообраќаен режим на бул. „Илинден“.
– Оваа трка веќе тринаесет години по ред е симбол за мотивација и успех, за постигнати резултати и поставени нови цели, како и за здрав и правилен животен стил … Со категории за сите возрасти и вредни награди, оваа трка е повеќе од спортски настан, таа претставува симбол на женска сила, мотивација и поддршка. Минатогодишниот успех на „Авицена женска трка“ донесе рекорден број на женски учеснички на Виз Ер Скопскиот маратон – дури 52 отсто од сите учесници беа жени, информира организаторот. х